„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Азески-Улусој: Приоритет е натамошно развивање на билатералните економски односи меѓу С. Македонија и Турција

08.11.2024

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески оствари средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој. На средбата, на којашто присуствуваа и реномирани компании – членки на Комората, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, коишто се традиционално пријателски, со фокус на дополнително подигнување на нивото на економска соработка, како и создавање можности и уште поинтензивна трговска размена и инвестиции.

Претседателот Азески ја изрази посветеноста на Комората за унапредување на економските односи меѓу двете држави, за мотивирање на нови турски инвестиции во земјава и за зголемување на трговската размена, којашто и сега е на високо ниво, со оглед дека Република Турција е меѓу десетте држави со коишто Република Северна Македонија има најголема трговска размена. Азески ја нагласи и улогата и придонесот на турските инвеститори во севкупниот развој на државата потенцирајќи дека станува збор за конструктивни носители на економските процеси адекватно вклопени во нашиот систем носејќи позитивни корпоративни вредности. Во натамошниот период треба да се фокусираме на потребата за создавање на неопходните услови за интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете држави, со цел искористување на сите потенцијали кои се во насока на креирање на економски напредок и поттикнување на повеќе турски инвестиции во земјава – нагласи Азески.

Турскиот амбасадор Фатих Улусој од своја страна изрази уверување дека Турција и во иднина ќе биде конструктивен партнер и поддржувач на нашата држава на билатерален и на мултилатерален план, истакнувајќи ја севкупната поддршка што Турција ја дава од првите денови на македонската независност и својата посветеност за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави во сите сфери од заемен интерес.

Радува фактот што во полето на туризмот има исклучителен напредок кадешто најголем број на странски туристи во државава се од Република Турција, повеќе од 200.000 на годишно ниво, додека близу 50.000 македонски туристи ја посетуваат Турција во текот на годината.

За важноста на постоечките турски инвестиции врз економскиот развој на земјава говори фактот дека досега се вложени над 1,8 милијарди долари директни инвестиции од Република Турција коишто вработуваат повеќе од 10.000 локално население – истакна Н.Е. Улусој.

Дел од присутните компании претежно со турски капитал во земјава изразија свое мислење и дадоа свои препораки за подобрување на актуелните состојби и унапрадување на економските односи меѓу двете земји.

На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија за поттикнување на турските компании за инвестирање во Северна Македонија, надминување на потешкотиите со кои се соочуваат истите, можноста за започнување преговори за ажурирање на договорот за слободна трговија, настап и посета на македонски компании на купувачки мисии и саемски манифестации во Турција, како и организирање на македонско-турски бизнис форум со учество на турски и македонски компании во наредниот период.