„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
18.09.2024
Студијата за трансформација на економиите на Западен Балкан преку приближување на странските инвестиции и декарбонизација на компаниите е изработена во текот на 2024 година во рамките на Проектот за коморско партнерство од страна на Коморскиот инвестициски форум на ЗБ6 (WB6 CIF) и шесте национални стопански комори на Западен Балкан, во соработка со Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WIIW). Студијата беше промовирана на конференција во Будва, Црна Гора.
Пандемијата COVID-19 и тековните геополитички тензии имаа влијание на глобалните синџири на снабдување. Тоа резултира во можност германските компании да ги доближат своите производствени капацитети поблиску до нивните домашни пазари, тренд познат како приближување (nearshoring). Оваа Студија имаше за цел да испита дали овој тренд се случил во Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) од последното истражување спроведено во 2021 година и дали овој тренд на приближување може да се поврзе со тековните напори на локалните компании за декарбонизација, односно намалување на нивните јаглеродни емисии (CO2).
Резултатите од студијата се базираат на анкети спроведени со 65 странски компании од Западен Балкан, 382 локални компании и интервјуа со 12 германски инвеститори од Западен Балкан, еден потенцијален германски инвеститор, една локална компанија и тројца експерти. Студијата упатува на ставање на декарбонизацијата и намалувањето на јаглеродниот отпечаток (CBAM) во функција на подобрување на привлекувањето на странските инвеститори и зголемување на глобалната конкурентност на компаниите од економиите на Западен Балкан.
Студијата укажува дека 72% од странските компании се задоволни од нивното инвестициско искуство во економиите на Западен Балкан, што претставува зголемување од 10% од последната студија спроведена во 2021 година. Притоа, искуствата се различни. Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија забележаа посилни трендови на приближување, при што странските директни инвестиции ги надминаа очекувањата по пандемијата. За разлика, Албанија и Србија забележаа пониски странски инвестиции од очекуваните и имаа помала корист од приближувањето. Црна Гора покажа мешани резултати, со првични добивки, но пад во 2023 година.
Според Студијата, две третини од странските фирми сметаат дека регионот е привлечен за зелени инвестиции, барајќи добавувачи со мал јаглероден отпечаток за да ги исполнат стандардите на ЕУ Greendeal и CBAM. Локалните компании сакаат да се декарбонизираат, но се соочуваат со конкурентни и оперативни предизвици. Во следниот период претстојат предизвици:
➡️ За компаниите CBAM-от е комплексен поради обемната документација и недостатокот на национална поддршка. Затоа коморите од економиите на Западен Балкан лансираа сеопфатен CBAM прирачник за да им помогнат на локалните компании во процесот на декарбонизација (http://www.ungc.rs/docs/publikacije/CBAM.pdf).
➡️Инфраструктурни предизвици во зголемување на интеграцијата на обновливите извори на енергија.
➡️ Јавниот сектор треба да ги подобри упатствата и процедурите за компаниите за исполнување на барањата за декарбонизација.
Соработувајте со локалните добавувачи кои вложуваат во својата декарбонизација за да ги исполнат целите за одржливост.
Зголемете ги инвестициите во локалните компании од Западен Балкан за декарбонизација со цел оптимизирање на синџирите на снабдување и искористување на квалификуваната работна сила.
Споделете ја техничката експертиза за да им помогнете на локалните компании да ги исполнат глобалните стандарди за производство и да ги подобрат меѓусебните напори за декарбонизација.
Инвестирајте во зелени технологии за да ги намалите јаглеродните емисии и да станете поатрактивни за странските инвеститори.
Добијте ги потребните сертификати за исполнување на меѓународните стандарди и интегрирајте се во глобалните синџири на снабдување.
Барајте финансиска и техничка поддршка за декарбонизација и подобрување на конкурентноста.
Обезбедете финансиски стимулации и техничка поддршка за да им помогнете на локалните компании да се декарбонизираат и да ги исполнат меѓународните стандарди.
Подобрете го управувањето, институциите и инфраструктурата за да привлечете повеќе инвестиции.
Инвестирајте во обновливите извори на енергија со цел усогласување со глобалните трендови за одржливост и за да привлечете странски инвестиции.
Целата Студија и деталните заклучоци се достапни на следната врска: https://www.wb6cif.eu/wp-content/uploads/2024/09/Report_2024_v3_web.pdf