„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Одржан бизнис форум и деловни средби помеѓу компании од Грција и Северна Македонија

14.06.2024

На билатералните средби дваесетина претставници од македонски компании остварија контакт со грчки бизнисмени од различни области во трговскиот, индустрискиот и услужниот сектор, како што се енергетиката, градежништвото и ИТ технологиите.

Воспоставување деловни контакти меѓу компании од различни стопански дејности, размена на меѓусебни информации, договорање за идни предизвици, заеднички настапи на трети пазари и склучување на меѓусебни зделки, се само некои од целите на грчко-македонскиот бизнис форум што се одржа на 13 јуни 2024 г, во Солун. Настанот го организираше Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Трговско-индустриската комора на Солун, како дел од проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, што Комората го спроведува во партнерство со УСАИД. Исто така, оваа активност беше дел и од годишната програма за работа на Асоцијацијата на Балкански комори, каде Стопанската комора на Македонија оваа година е претседавач.
На билатералните средби дваесетина претставници од македонски компании остварија контакт со грчки бизнисмени од различни области во трговскиот, индустрискиот и услужниот сектор, како што се енергетиката, градежништвото и ИТ технологиите. 
Бизнис форумот го отвори Емануил Влахојанис, прв заменик претседател на Стопанската и индустриска комора на Солун, кој пред присутните изрази големо задоволство за организирањето на ваква средба помеѓу стопанствениците од двете страни после повеќе од 20 години. Од негова страна беше нотирано дека во ера на дигитализација и вештачка интелигенција, сè уште се соочуваме со предизвици во инфраструктурата како значаен сегмент на поврзување на двете земји, а важноста на Солунското пристаниште и усогласенота помеѓу двете царински управи се исто такава важен фактор за непречена трговска размена и поттик на инвестициите од двете страни.
Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија м-р Антони Пешев во своето обраќање на отворањето на форумот посочи дека дека овој настан претставува значаен импулс во унапредувањето на стопанската соработка меѓу Северна Македонија и Грција и дека ова е можност интензивирање и зајакнување на досегашната економски релации и поврзување на стопанските субјекти од двете земји како услов за натамошен развој на соработката.
„За жал, некое време заборавивме колку можеме да бидеме блиски еден со друг. Народите имаат многу добра меѓусебна комуникација, но односите на ниво на економија неколку години не функционираа како што треба“, додаде Пешев потсетувајќи дека Грција е една од петте најголеми трговски партнери на нашата земја. 
„Билатералната трговија со Грција во 2022 година изнесуваше 1.360 милијарди евра, од кои повеќе од 1 милијарда се однесуваа на грчкиот извоз, додека 360 милиони е македонскиот извоз кон Грција, кој иако бележи раст во споредба со минатите години сè уште има потенцијал за раст“, рече Пешев. Тој ја истакна и важноста на интерконекцијата во Алексодрополис и унапредувањето на инфраструктурата на коридорот 10 како исклучително важни елементи кои можат да привлечат нови „играчи“ на енергетскиот пазар во регионот на Југоисточна Европа.
Спирос Стаму, генералниот финансиски директор на Солунското пристаниште истакна дека визијата на компанијата е „да биде повеќе од само пристаниште и да функционира како давател и „олеснувач“ на решенија во транспортните и логистичките прашања, не само за Грција, туку и за остатокот од Балканот и поширокиот регион на Источна и Централна Европа. 
„Сакаме да обезбедиме пакет на услуги што постојано се развива и сигурна интермодална мрежа, бидејќи на овој начин веруваме дека растот што веќе постои ќе продолжи, со уште повеќе перспективи. Исто така, вака ќе го надградиме синџирот на снабдување на поширокиот регион, создавајќи вредност за сите заинтересирани страни“, рече Стаму и додаде дека нивната стратегија е развој на поврзаноста на пристаништето во Солун и натамошно проширување на интермодалната железница во Источна и Централна Европа. 
Стаму, исто така, потсети дека пристаништето, кое опслужува пазар од десетици милиони луѓе, управува со суви пристаништа (копнени порти на пристаништето) во Софија, Ниш и Скопје.
Во однос на потенцијалите за унапредување на билатералната соработка Пешев истакна дека Грција е локомотива за развој на Балканот. 
„Ако таа не не повлече напред, сите други балкански земји би имале проблеми. Нејзината географска позиција е незаменлива за транспортот, на пример, а тој е основа на секој бизнис. Јас гледам само едно решение и се борам за тоа. С. Македонија да влезе во ЕУ и со тоа пристаништето да стане пристапно по сите основи. Ако тоа се пролонгира до недоглед, треба да се земе примерок од договорот за користење на слободната зона на пристаништето, кој беше на сила 50 години и даваше фантастични резултати“, потенцира Пешев.          
Во рамките на бизнис форумот се одржа и конференција за перспективите за зајакнување на економска соработка меѓу Грција и Северна Македонија на којашто учествуваа и високи претставници на Царинската управа на Грција и претставници на Солунското пристаниште. На конференцијата беше истакната потребата од постигнување напредок во однос на воспоставувањето на зелените коридори, отворање нови гранични премини, како и реконструкција на постоечките гранични премини за да се зголеми слободното движење и на бизнисот и на луѓето. Претставниците на грчката Царина истакнаа дека регионалната соработка ќе се зајакне и со воспоставувањето на Зелените коридори, кои ќе овозможат двострана размена на информации помеѓу ЕУ (Грција) и земјите од Западен балкан. Грција беше првата земја од земјите-членки на ЕУ која го потпиша Меморандумот за електронска размена на податоци во јули 2022 година (Со Меморандумот за разбирање помеѓу Северна Македонија и Грција), зелените коридори на ЦЕФТА -Транспортната заедница стануваат реалност на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ и покажа најголема кооперативност за целосно ставање во функција на двостраната раземна на податоци, со цел забрзување на протокот на стоки.
Постојат повеќе сегменти што се особено значајни за разививање на соработката на двете земји. Како клучни се издвојуваат: географската близина, инфраструктурната поврзаност и веќе воспоставените одлични деловни врски помеѓу компаниите од двете земји, како и и фактот што над  100 компании со грчки капитал веќе работат во земјава и се препознаени како сериозни инвеститори кои допринесуваат за севкупниот економските раст и извозните перформанси на националната економија.
Република Грција континуирано од еден од петте најзначајни трговски партнери и инвеститори  на С. Македонија. Најголемите инвестиции се во банкарскиот сектор, нафтената индустрија, трговијата и текстилната индустрија. Минатата година, остварена е трговска размена во вредност од 1,45 милијарди САД долари, извозот достигна 331,2 милиони САД долари, а увозот е 1,12 милијарди САД долари. Евидентиран е негативен биланс во трговското салдо од речиси 800 милиони САД долари. Грција е трет трговски партнер на земјава минатата година. Нашиот јужен сосед е еден од најголемите пазари за македонскиот челик и железо во вредност од 67 милиони САД $ во 2023 година, а во извозот најголемо учество имаат и електричната енергија (98,5 милиони САД $), тутун неизжилен (45 милиони САД$)  и готови  текстилни производи (25 милиони САД$).
Трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Република Грција
за 2023 година
Во САД $
Вкупна размена
Извоз
Увоз
Салдо
1.459.631.448,00
331.225.169,00
1.128.406.279,00
-797.181.110,00
 

Како што беше потенцирано од учесниците на бизнис форумот приоритетите треба да се стават на зголемувањето на извозните потенцијали на македонските компании, регионалната соработка и на заедничките настапи на компаниите од овие земји на трети пазари, како и подготвеност за уште позасилена соработка и за продлабочување на економските односи меѓу двете земји, заради целосно искористување на потенцијалот што го имаме.
На настанот беше заеднички констатирано дека за бизнисмените од двете соседни земји потенцијалите за соработка се големи. Овој бизнис форум треба да даде конкретни резултати за склучување и продлабочување на воспоставените партнерства, настап во трети земји и учество на заеднички проекти, со што ќе се создадат можности за интензивирање на меѓусебната соработка и за подинамична инвестициска и трговска размена.