„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДОМАШНИТЕ ГРАДЕЖНИ КОМПАНИИ ИМААТ ПОТЕНЦИЈАЛ КОЈ ТРЕБА ДА СЕ ИСКОРИСТИ

12.06.2024

Гостување на Bloomberg Adria на претседателот на Здружението за градежништво, индустријата на градежните материјали и неметалите, Андреа Серафимовски

Во првиот квартал од годинава градежништвото е во минус од 2,5 отсто. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, односно дека БДП има раст од 1,2 отсто во првото тримесечје, а дека градежната индустрија е во минус.

Градежниот сектор се наоѓа во незавидна позиција, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при СКСМ, во интервју за Bloomberg Adria.
„Во првиот квартал од оваа година бележиме минус, за разлика од првиот квартал минатата година кога градежништвото имаше раст од 18,9 отсто. Но, другите статистички параметри се подобруваат“, вели Серафимовски.
Тој додава дека ако се погледнат статистиките, ќе видиме дека се зголемил бројот на вработени за 6,5 отсто, а платата за 12,9 отсто и дека е тоа еден најконтинуиран раст што трае низ годините. Договорените активности се зголемиле, односно имаме отприлика 60 милијарди денари договорени активности во првиот квартал, а се подобрила и состојбата на извршените активности за 5,3 милијарди денари.
„Ако овие бројки ги споредиме со минусот на градежништвото во учеството во БДП, ќе сфатиме дека проблемот е во домашната оператива, т. е. дека домашните капацитети немаат доволно работа. Но, грижејќи се за своите компании, успеваат да го поднесат ова што се случува во моментов на нивни грб и некако, во согласност со своите можности, да ги задржат своите вработени и да очекуваат подобри времиња во иднина“, вели Серафимовски.
Градежништвото е една од трите најголеми стопански гранки во Републиката и има огромен потенцијал.
„Ако се вратиме наназад, ќе видиме дека во 2014 година учеството на градежништвото во БДП изнесувало 7,1 отсто. Тоа е рекордно учество на градежништвото во домашниот бруто-производ. Но, тоа значи дека капацитетите на домашната оператива се такви што тоа може да ја премине таа граница од седум отсто, иако во последните пет години учеството на градежништвото во БДП е околу 5,5 отсто“, вели Серафимовски.
Токму сега излегуваат на површина и предупредувањата дека странските компании ќе ги истиснат домашните ако и натаму се продолжи со истата политика.
„Ако ги погледнеме капиталните инвестиции пред десетина години и ако се споредат со оние од 2023 година, ќе сфатиме дека она на кое одамна предупредувавме како здружение, а тоа е дека енормно се зголемува учеството на странските компании во градежништвото и дека ги истиснува домашните компании, навистина се остварува“, вели Серафимовски.
Додава дека сега се гледаат негативните последици од податокот дека во наредните пет години 96 отсто од капиталните инвестиции ќе ги градат странски, а само 4 отсто домашни компании.
„Тоа си го зема својот данок од година во година и доколку не преземеме нешто, ќе бидеме сведоци на уште полоши резултати во домашната економија“, вели Серафимовски.
Потребно е политиката да обезбеди фер средина во која сите ќе можат да се натпреваруваат во фер услови.
„Потребно е да доминира развојната политика, а не социјалната, како што беше случај во изминатите пет години, за да креираме развојни компании кои ќе можат да се борат не само на домашниот пазар туку и во странство и наместо да одлеваме наши пари во странство, да долеваме странски пари во нашата економија“, вели Серафимовски.