Комуникацијата и соработката што ја имаат компаниите и стручните училишта во испораката на стручен кадар најдобро може да се забележи на Отворените денови што ги организираше СУГС „Здравко Цветковски“, Скопје, каде на едно место беа собрани училиштето со компаниите и учениците – средношколци и деветтооделенци. Ваквите отворени денови претставуваат реална можност за идните деветтооделенци да се запознаат со квалификациите што се изучуваат во ова училиште, да се информираат и да се запознаат со условите за работа на училиштето, методите и формите кои се применуваат во наставата, наставниот кадар, воннаставните активност и содржини, проектите кои се реализираат, но да се запознаат и со компаниите каде би реализирале практична обука и со можностите за нивното идното вработување. Училиштето соработува и со Стопанската комора како мост за вмрежување на училиштето до компаниите за реализација на практичната обука на учениците и во делот на обезбедување квалитет преку сертифицирањето на менторите во компаниите и верификацијата на компанијата за реализација на практичната обука.
Креативноста, знаењата и вештините, како и љубовта кон професијата, учениците од СУГС „Здравко Цветковски“ ја изразуваат на завршната изложба на годишни проекти, преку изработката на проекти од областа на архитектурата, градежништвото и геодезијата, организирана од страна на училиштето во соработка со Градот Скопје. Преку сопствените дела од областа на уредувањето, внатрешниот дизајн и иновативните предлог проекти со вешто користење на техники, макети и ликовни трудови, учениците го презентираат својот огромен потенцијал и визија.
За поголема транпарентност на квалификациите што се изучуваат во СУГС „Здравко Цветковски“, училиштето учестваше и на саемот на средни училишта на Град Скопје на Плоштадот Македонија, како и на саемот на средни училишта во трговскиот ценатат Ист гејт мол (East Gate Mall).
Во училиштето се образуваат кадри од гимназиско и од стручно образование. Во делот на стручното образование се изучуваат квалификации од секторот градежништво и геодезија и тоа: архитектонски техничар, техничар дизајнер за внатрешна архитектура, градежен техничар, геодетски техничар, монтер за сува градба и поставувач на подови и плочки, а од учебната 2024/2025 година, квалификациите: градежен техничар, геодетски техничар, монтер за сува градба и поставувач на подови и плочки се изучуваат преку дуалниот модел на образование.