„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

КОМОРАТА СЕ ВКЛУЧУВА ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА НА КАДАРОТ ВО ПЕКАРСКАТА ИНДУСТРИЈА

21.02.2023

- Недостатокот на квалификуван кадар, и покрај сите кризи низ кои поминуваме, останува и понатаму главниот проблем со кој се соочува бизнис секторот и мора така да се третира од сите чинители, истакна м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на денешната прес конференција.

Од последната анализа на Стопанската комора, 82 % од компаниите се обиделе да го обезбедат кадарот со потребните вештини, но не успеале во целост да го регрутираат бараниот кадар, а 45% од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број на кандидати кои поседуваат соодветни квалификации и работно искуство што го потврдува големиот расчекор меѓу понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот.

Истата анализа ни покажа дека само 26 % од компаниите сметаат дека практичните вештини на завршените ученици во стручното образование и обука и завршените учесници во образованието за возрасни се во согласност со барањата за вештини за нивната компанија, а само 42 % од компаниите сметаат дека кандидатите имаат некакви соодветни теоретски знаења.

Од друга страна, 54 % од компаниите искажале дека во своите среднорочни планови за развој, предвидуваат вработување на лица со специфични квалификации од стручното образование и обука, но понудата на пазарот е оскудна со лица кои имаат соодветни вештини и средно образование.

Ваквите анализи на Комората во изминатите 15 години, беа клучни, образованието да биде еден од приоритетите во работењето на Комората. Активностите на оваа област беа преточени и во системски форми на делување преку Советот за развој на тренингот и обуките кој делува во рамките на Комората и има групи на делување во форма на Центри за :

- дуално образование;
- за преквалификација и доквалификација;
- за обуките за унапредување на знаењата на вработените и
- преку берзата на трудот

Овие активности не се новост за Комората, бидејќи во изминатиов период преку програми за преквалификација и доквалификација, Комората, во соработка со компаниите кои имале недостаток на кадар, има обучено над 120 лица кои се вклучиле во работните процеси по завршување на обуката, додека пак, преку Советот за развој на тренингот и обуките активностите ќе бидат посистематизирани и компаниите ќе знаат за услугите што ги нуди Комората во делот на образованието.

Овој пат фокусот го ставаме на пекарската индустрија, каде е алармантна состојбата со недостиг на кадар.

- Просечната старост во пекарската индустрија на пекарските работници е 57 години, а има и сѐ помал интерес, со што индустријата се соочува со големи потешкотии во оперативното работење.
- Младите воопшто немаат интерес да работат во пекарската индустрија, па дури и како сопственици на пекарници.
- Дополнително, во пекарската индустрија сите процеси не можат се да се автоматизираат, за да би се избегнал овој проблем на недостаток на работници.
- Од кадарот, во големата пекарска индустрија, најчесто има недостаток на месачи, обликувачи на тесто, како и пекари, додека во малата и микро пекарска индустрија, стопанствениците со соочуваат со недостаток на пекари и бурекџии.

Проблемот е сериозен и затоа мора институционално и системски да се решаваат проблемите во обезбедувањето на кадар за оваа индустрија. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или на работниците кои ќе ги одберат овие работни места во пекарската индустрија затоа што во идниот период може да дојде до блокада во работењето или зголемени цени на на пазарот на производите и печивата од рачна изработка.

Комората, за своите членки, нуди форми на поддршка за компаниите преку обуките за преквалификација и доквалификација за бараните вештини и квалификации. Почнавме со обуката за квалификацијата пекар која ја реализираме во соработка со пеканицата „ПАСТЕЛ“, која се соочи со потребата од обучен кадар и се обрати до Комората за поддршка во ублажувањето на овој проблем.

Обуката ја реализираме преку мерката од Оперативниот план за вработување:Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите.

Станува збор за верификувана програма од Центарот за образование на возрасните, изработена на барање на пекарницата „ПАСТЕЛ“. Програмата е модуларно дизајнирана, содржи теоретски дел, кој се реализира во просториите на Стопанската комора, и практичен дел, кој се  реализира во пекарницата „ПАСТЕЛ“. Учесниците во обуката се обучуваат од сертифициран ментор и искусен практичар кој ќе ги обучува според специфичностите и производите кој ги нуди фирмата. По завршувањето на обуката лицата ке бидат вработени во фирмата.

- Стопанската комора е институција која нуди поддршка на компаниите кои се соочуваат со недостиг на кадар во своето работење. Се обратив до Комората за решавање на овој проблем и веднаш ми беа понудени две решенија: на долгорочен рок, преку процесот на формалното образование со вклучување во дууалното образование и на краткорочен рок, преку неформалното образование со вклучување во процесот на преквалификации на невработените лица. Ги прифатив и двете - изјави Игор Стојановски на прес конференцијата,  сопственик на пекарницата „ПАСТЕЛ“.  Во пекарницата „ПАСТЕЛ“ денес, практична обука реализираат неколку ученици од СУУГС „Лазар Танев“ од Скопје, со кого има склучено Меморандум за соработка. Во овој период ќе врши обука и на невработени лица преку неформалното образование за програмата Пекар, а по завршување на обуката, дел од учесниците во обуката ќе ги вработи во својата пекарница.

Оваа форма на поддршка е само уште една во низата, која ја иницира и ја креира Стопанската комора за компаниите од пекарската индустрија сѐ со цел  ублажување на проблемот за недостиг од кадар и овозможување брзо пронаоѓање пристојна работа за сите кои ќе учествуваат во процесот за преквалификација.