Во петокот навечер со мојата сопруга присуствувавме на еден настан кој народски кажано ни „легна“. АБЦ беше местото, другарите на Живко Мукаетов централни личности, опуштена атмосфера. Меѓу стотината поканети гости, со исклучок на професорот Мицкоски и министерот Бесими, другите гости беа другарите на Живко меѓу кои можеа да се препознаат Александар Митевски и ДАЦ, Кире Лазаров, Ѓорѓе Војновиќ, Жаре „Еден на еден“, Мишко Иванов и врвниот менаџерски тим на Алкалоид.
За нашата атмосфера посебно се погрижи долгогодишниот алкалоидов бренд, асистентот на првите луѓе на оваа наша водечка компанија, Лефтерија, нагалено Лефи, со кое е вистинско задоволство да се другарува.
Многу пати до сега јавно сум зборувал за оригиналниот стил на работа на г. Мукаетов, посебно во коморските релации. Тоа значи висок професионализам, посветеност и интерес. Не можам да се сетам на ниту еден настан каде овој бизнисмен не пристигнал на време, каде материјалите пред него не биле претходно стручно анализирани за состаноците, каде не дискутирал изнесувајќи јасен став и што е особено значајно, каде сето тоа не го компарирал со регионот. Неговиот ангажман и во другите форми на бизнисот, како „Македонија 2025“, АмЧам, Бизнис советот на КИФ, редовен учесник на „Копаоник Бизнис форум“ и „Бледската школа за менаџмент“ само ја надополнува оценката за неговиот висок професионализам. Едноставно кажано пример за модерен бизнисмен, во чекор со времето, но приземен човек.
Нека ова мое пишување биде потврда за моето залагање за афирмација на позитивните примери од нашето работење кои треба да ги има сѐ повеќе за разлика од сегашното „мафтање“ само со лошите примери, со што создаваме атмосфера на постојана непредвидливост.
На Живко нека му е среќен роденденот. Да си дочека уште толку. Да направи за својата држава тоа што го направи за Алкалоид и за македонскиот бизнис. А на неговите другари и на неговата генерација, кои во петокот направија одлична атмосфера, поздрав со песната „Моји другови“ од Бајага.