„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА

20.04.2024

Квалитетот на практичната обука зависи од правилно функционирање на триаголникот ментор во компанија, ученик и координатор за учење преку работа во стручно училиште. Затоа се потребни подготвени ментори кои го пренесуваат на наједноставен видлив начин своето знаење и искуство на учениците и ги обучуваат да ги стекнат стручните вештини и компетенции за квалификацијата која ја изучуваат на реално работно место, како и подготвени координатори за учење преку работа, кои ќе го подготват и организираат целокупниот процес на реализација на практичната обука и ќе и помага на учениците како да ја реализираат практичната обука. И се разбира, заинтересирани ученици кои одат на практична обука во компанија, а заинтересираноста, пред сè зависи од нивниот интерес и можности за квалификацијата за која се запишале, но и од посветеноста на менторот за нивна обука и од организираноста на процесот за практична обука на координаторот. Стручното образование и обука ги поврзува компаниите/ институциите на кои им треба стручен и квалификуван кадар и стручните училишта кои испорачуваат кадар со стручни вештини.
За таа цел, беше организирана тридневна обука на координаторите за учење преку работа на која беше опфатен и модулот за ИТ професионален контекст на учење преку работа. Во рамките на овој модул, од страна на претставник на Стопанската комора,  беше презентиран порталот Пракса (https://praksa.mchamber.mk/) кој претставува алатка за вмрежување на компаниите и стручните училишта за реализација на практичната обука (дуален модел на образование, учење преку работа и феријална практика).
Со користење на порталот Пракса се овозможува:
1.    брза комуникација и транспарентност на процесот;
2.    подигање на атрактивноста на стручното образование и обука;
3.    афирмација на практичната обука на реално работно место за стекнување стручни и практични вештини кај учениците;
4.    олеснета соработката помеѓу училиштата и компаниите, но и за учениците и родителите преку преглед на настани, новини, успешни приказни во стручното образование, преглед на сертифицираните ментори и верифицираните компании за реализација на практична обука, како и на координаторите за учење преку работа и преглед на релевантната документација што го покрива стручното образование.