„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДЕНОВИ НА ОТВОРЕНИ ВРАТА – СТУДЕНТИТЕ НА УГД ВО ПОСЕТА НА МАКПРОГРЕС

19.04.2024

Продолжува циклусот настани Студентите учат од бизнисот – од успешни студенти до врвни менаџери

Контактот со реалниот сектор во процесот на градење на високо образован кадар е од неизмерно значење и важна алка за двете страни, како за оние кои образуваат кадар, така и за оние кои тој кадар го интегрираат во своите работни организации.
Потребата за доближување на идниот човечки потенцијал до работодавачите беше основниот мотив за иницирање активности насловени под името „Денови на отворена врата“ како еден од приоритетите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања, со кои ќе се поврзат работодавците, факултетите и студентите, за подобро запознавање на студентите со перспективите во одредена компанија или сектор, како иден стручен кадар на пазарот на труд. Во рамки на активноста „Денови на отворена врата“ продолжува циклусот настани „Студентите учат од бизнисот“ кои Стопанската комора на Северна Македонија ги реализира  во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. По успешно реализираниот мастер клас на Правниот факултет во Штип, студените имаа прилика да ја посетат компанија и од прва рака да се запознаат со функционирањето на една компанија, можностите за раст и развој, како и со технолошките капацитети на истата.
Домаќин на студентите беше компанијата „Макпрогрес“ ДОО Виница, производител на какао, чоколади и кондиторски производи, која активно придонесува во развивањето на кадар во Источниот регион преку Прогресив Академијата која беше основана пред три години. Маја Цветанова, маркетинг менаџер на компанијата, ги запозна студентите со компанијата која започнува со работа во 1990 година како фамилијарен бизнис кој прераснува  во водечки производител на кондиторски производи во Југоисточна Европа кој извезува на повеќе од 55 пазари. Студентите имаа можност да слушнат и за можностите за кариерно напредување кои беа презентирани од Александра Кирилова, извршен директор на Фондацијата Прогресив Академија, но и да научат за посакуваните и потребни кадри и професии и да слушнат успешни примери за раст и развој на вработените преку личното искуство од успешни студенти кои веќе се врвни менаџери во компанијата. На самиот крај студентите беа запознати и со работните процеси и стандардите кои треба да се применуваат, а кои гарантираат квалитет во производството на прехранбени производи.
Макпрогрес како компанија ја препознава важноста за соработка со образовните институции и како работодавач веќе е вклуена во профилирање на кадар како за своите потреби, така и за потребите на работодавците во регионот и дава поддршка на активностите на Комората за поттикнување на квалитетно високо образование по мерка на бизнисот преку учество на м-р Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес како член на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Комората.
Комората преку активностите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката продолжува со консултации со засегнатите страни во врска со иницираната потреба за системско уредување на практичната настава во високото образование, која ќе даде дополнителен квалитет во стекнувањето на знаења и вештини кај високо образовните кадри и ќе го забрза процесот на нивно интегрирање кај работодавците.