„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Претседателскиот кандидат Бујар Османи ја презентираше економската програма во Стопанската комора

19.04.2024

Претседателскиот кандидат од ДУИ и Европскиот фронт, Бујар Османи, на негова иницијатива, денеска имаше средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и извршниот директор, Антони Пешев. 
Целта на средбата беше Османи да ја презентира економската програма како претседателски кандидат, но и да се дискутира за стратешките напори кои се неопходни за подобрување на економската средина во државата. 
Во текот на состанокот, од страна на Комората, беше изразен став дека економските политики треба да бидат ставени во прв план, надминувајќи ги партиските приоритети. 
Исто така, беше потенцирана важноста од иницијативите за партнерства и засилување на деловниот сектор на национално и регионално ниво. Во таа насока беа реконфирмирани платформите за Коморскиот инвестициски форум и Отворен Балкан, како механизми за подобрување на конкурентноста на пазарот преку соработка и заеднички проекти. Истите иницијатива беа потврдени и на регионалната конференција во Нови Сад, која беше организирана на почетокот на неделата. 
Претседателскиот кандидат Османи, меѓу другото, пред медиумите изјави дека покрај државен консензус за ЕУ, потребен е и економски државен консензус по однос на основните параметри. Најави дека доколку биде избран за претседател на државата, ќе предложи создавање национален совет за економски раст, во кој би членувале претставници на политички партии и економски чинители, а кој би функционирал како еден вид на државен Управен борд со цел постигнување на државен консензус по однос на клучните параметри и регулативи за еден забрзан и одржлив развој.