„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Регионална соработка за подобра интеграција во ЕУ

18.04.2024

Денеска, 18 април 2024 година, Стопанската комора на Северна Македонија, во рамките на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој го реализира во партнерство со УСАИД, е дел од регионалниот настан „ПИТ Северна Македонија 2024“.
Целта на овој настан беше преку презентации и дискусии организирани во рамките на неколку панели, со учество на компании членки на Стопанската комора на Северна Македонија и на коморите од Србија и од БиХ и преку споделување различни искуства, да се стави акцент врз користењето на потенцијалите за поголема регионална соработка. Беше потенцирана и важноста од здружување на производствените и на индустриските сектори од регионот, како основа за подигнување на обемот на производство и на понуда и за заеднички настап на трети пазари, пред сѐ, на пазарите во Европската Унија. Учесниците на Самитот реализираа и Б2Б-средби во насока на поттикнување нови партнерства и продлабочување на веќе постојната соработка во регионални рамки.  
Дерик Фефер од УСАИД истакна дека надградувањето на регионалните економски врски ќе помогне во градењето поврзан и просперитетен Западен Балкан. УСАИД работи на зајакнувањето на конкурентноста преку поддршка на приватниот сектор за инвестирање во своите синџири на добавување, за модернизација и за адаптација на новите пазарни трендови, а ваквите регионални настани го овозможуваат токму тоа.
Билјана Пеева-Ѓуриќ, проектен менаџер на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“ и оперативен директор во Стопанската комора на Северна Македонија, во своето обраќање посочи дека од почетокот на проектот до денес се работи на испорака на конкретна поддршка за голем број извозно ориентирани компании преку обезбедување техничка и стручна помош при воведувањето на меѓународните стандарди за квалитет, развивањето и имплементацијата на нови дигитални решенија и алатки, изработката на проектни апликации за пристап до финансии за реализација на инвестициски проекти и при изработката на маркетинг-стратегии за извоз, со цел градење на капацитетите за пристап до нови пазари. Овие активности ќе продолжат и во наредниот период. Наедно, организиравме посети на неколку саемски манифестации, реализиравме деловни поврзувања за нашите компании со партнери од регионот и од ЕУ, а во тек е реализација и на нова дигитална алатка која ќе биде главен патоказ и информатор за нашите извозници.
„ПИТ Северна Македонија 2024“ е своевидно продолжение на циклусот регионални настани кој започна минатата година на PIT Adria Summit 2023, а кој се одржа во Белград. На Самиотот беше констатирано дека локалниот и регионалниот амбиент бараат позначајна поддршка и стимул, како и навремено и сеопфатно претставување на вкупниот предизвик во поширока смисла. Деловните модели „Lean, Green and Digital“ се услов за иднината. Имајќи го тоа на ум, а како продолжение на трендовите за иновативност и напредни технологии, во насока на подигнување на конкурентноста на компаниите од регионот на Западен Балкан, клучните теми на „ПИТ Северна македонија 2024“ се суштински предуслови за одржлива и за профитабилна конкурентност.
Самитот „ПИТ Северна македонија 2024“ продолжи со повеќе панел-дисксусии на кои акцентот беше ставен врз конкурентноста, иновативноста и врз новите технологии, во насока на подигнување на конкурентноста на компаниите, поголема регионална соработка, но и интензивирање на соработката на компаниите од Западен Балкан со ЕУ-пазарите, што е една од клучните цели на регионалната бизнис-интеграција.
Активноста е во организација на „Браварија индустриски маркетинг“, а во соработка со PIT Events и со партнерите МАМЕИ, Инфоверс, ЗАВАР, НЛ Комора на Северна Македонија, ТАРГЕР Е&К, АХК, Стопанска комора на Федерацијата БиХ, Стопанска комора на Србија и Светска банка.
 
Преку проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и во глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет, за да бидат конкурентни во Западен Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и за обезбедување одржливи услуги за извозните компании.