Промовирана книгата „Нов договор за економски развој“ на Бранко Азески и Дарко Лазаров
01.04.2024
„Нов договор за економски развој“ е новата книга зад која стојат авторите претседателот на Стопанскaта комора на Севeрна Македонија, Бранко Азески и универзитетскиот професор Дарко Лазаров, што беше промовирана во Комората.
Книгата повикува на постигнување широк општествен консензус на сите чинителе во државата, тргнувајќи од академската заедница, бизнис-секторот, универзитетите, медиумите и граѓанскиот сектор, и внатрешно обединување околу врвните развојни приоритети на државата во наредните 10 години. Декларацијата за економски реформи, политики и мерки што Комората ја усвои со силна поддршка од голем број на субјекти е основата за градење на еден нов договор за економски развој што треба да испорача поголем економски напредок на земјата во наредните 10 години, изјави Претседателот на СКСМ Бранко Азески како еден од авторите на книгата.
Во првиот дел од книгата се систематизирани сите предлози, барања и иницијативи што Комората ги има доставено и афирмирано во јавноста и до соодветните институции во изминатиот период и анализа колку од тие барања, иницијативи и предлози биле прифатени. Дополнително, во книгата е направена симулација што ќе се случеше со македонската економија ако сите тие биле имплементирани и целосно реализирани.
Комората заедно со своите компании-членки, како и со своите внатрешни и надворешни соработници во изминатиот период покажа дека има кадровски и институционален капацитет да биде предводник на визионерски идеи и тоа го докажа со стратешките документи кои ги промовираше неодамна, посочи Азески.
Вториот дел од книгата ја наметнува потребата од креирање на нов модел на економски развој кој ќе има капацитет да испорача значително повисоки стапки на економски раст. Новиот модел на економски развој што го предлага Комората и ко-авторите на книгата е базиран на 5 фундаментални постулати, посочи Лазаров.
Лазаров детално ги елаборираше клучните елементи на кои почива новиот модел на економски развој што го нуди Стопанската комора и ко-авторите на книгата. Имено, првиот столб кој се однесува на заокружување на базичните принципи на пазарната економија и јакнење на институционалните капацитети на државата содржи неколку предлози и иницијативи: 1) Jакнење на правосудниот систем со цел владеење на правото и неселективно почитување на законите, 2) Обезбедување на стабилен и предвидлив деловен амбиент што подразбира задолжителна консултација на бизнисот при носењето на законите, воведување и целосно почитување на даночен календар, како и намалување на парафискалните давачки. 3) Јакнење на независноста на регулаторните тела со цел поголема доверба во институциите и целосно почитување на пазарните принципи. 4) Борба со сивата економија и со корупцијата на сите нивоа со цел фер конкуренција и еднакви можности за сите. 5) Професионализација на јавната администрација и дигитализација на јавниот сектор со цел обезбедување на побрзи и поквалитетни јавни услуги за бизнисот, поедноставување на институционалните процедури и намалување на административните бариери.
Вториот столб се однесува на инвестиции во иновации и човечки капитал, при што, истиот ги содржи следните барања и предлози: 1) Значитечно да се зголеми буџетот на државата за образование со цел подобрување на образовната инфраструктура и квалитетот на образовниот систем. 2) Да се формира фонд за наука и истаржувања со цел подобрување на истражувачкиот капацитет на државните универзитети. 3) Да продолжат инвестициите во средното стручно образование и да се воведе дуалниот концепт во високото образование. 4) Да се воведат нови, иновативни програми за поддршка на младиот кадар. За таа цел предлагаме воведување на програмата „Мое прво вработување“. 5) Да се забрза имплементацијата на стратегијата за паметна специјализација со цел градење платформа за соработка меѓу науката и индустријата.
Третиот столб се однесува на развиена и функционална инфраструктура и ги вклучува: 1) Воведување на законска одредба за минимален праг на учество на капиталните расходи во централниот буџет. тој праг би требало да биде 14-15 % од буџетот. 2) Изготвување национална стратегија за инвестиции во инфраструктурата за период од 10 години. Истовремено, да се формира национално тело за следење на реализацијата на капиталните проекти во согласност со стратегијата. 3) Ангажирање професионални проектни менаџери надвор од јавната администрација за реализирање на капитални проекти. 4) Забрзување на процедурите за издавање градежни дозволи за инвестиции на бизнисот во производствени и во индустриски капацитети. 5) Интензивирање на процесот на децентрализација со цел обезбедување рамномерен економски и локален развој низ целата држава.
Четвртиот столб се однесува на модерна индустрија и конкурентен извозен сектор и ги содржи следните предлог политики и решенија: 1) Надградување на законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел обезбедување значително поголема поддршка за производните и за извозните компании за инвестиции во форма на нови машини, опрема, технологии и производни линии. 2) Спојување на асипи со дтирз во агенција за странски инвестиции со нова методологија базирана на обезбедување поголема домашна додадена вредност на извозот. 3) Формирање национална агенција за промоција на извозот во форма на јавно приватно партнерство, која ќе биде целосно посветена на домашните извозни компании во делот на нивната поголема промоција на странските пазари. 4) Целосно усогласување на царинскиот систем со цел поголема конкурентност на извозниот сектор. 5) Туризмот да се третира како значајна извозна гранка. за таа цел, предлагаме да се формира национален совет за туризам.
На крај, петтиот столб се однесува на ЕУ-интеграциите и регионалната соработка и ги вклучува следните предлози: 1) Интензивирање на процесот на преговори за зачленување на земјата во еу преку зајакнување на преговарачките тимови на државата и преку вклучување на бизнис-заедницата во тој процес. 2) Јакнење на институционалните капацитети со цел поголемо искористување на можностите и на фондовите што ги нуди еу. 3) Интензивирање на регионалната соработка со земјите од западен балкан со цел поголема инфраструктурна поврзаност, олеснување на протокот на стоки, услуги, луѓе и на капитал, како и интензивирање на трговската и на бизнис-соработката. 4) Проширување на договорите за слободна трговија за нашите извозно ориентирани компании. 5) Активна дипломатска кампања со цел лобирање и искористување на пријателските односи со другите земји со цел подбро наше меѓународно позиционирање.
Авторите на книгата на крај заклучија дека овој модел на економски развој треба да биде широко прифатен од сите чинители и сите заедно да работиме на негово исполнување со цел да испорачаме поголем економски напредок на земјата во наредниот период.