Државата мора да троши колку ѝ е „долга чергата“- Стопанската комора на средба со ДУИ
29.03.2024
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и членовите на Управниот одбор на Комората одржаа работна средба со претставници на политичката партија ДУИ, предводени од Крешник Бектеши, Фатмир Бесими и Артан Груби.
Борбата против корупцијата и криминалот, рационално трошење на буџетските средства, завршување на процесот на гасификација, директна поддршка на извозните активности, одговорност и транспарентност во трошењата на средствата за јавни набавки, се приоритетните области кои стопанствениците ги издвоија како клучните за бизнис секторот, а кои иднините креатори на политиките треба да ги имаат предвид.
Азески во изјавата пред медиумите уште еднаш укажа дека државата мора да троши онолку колку е „долга чергата“, односно колку пари има во буџетот.
„Да видиме колку можеме да прибереме средства во буџетот, а колку трошиме зашто и дома и во фирмите, а и во државата, ист е принципот“, изјави Азески.
Тој потенцираше дека има застој во издавањето на градежните дозволи. Според него, дозволите за инвестициска активност на фирмите и на граѓаните мора да имаат приоритет.
„За стопанството е клучна предвидливоста. Предвидливоста може да гарантира зголемување на инвестициите и поголем број вработувања. Сфативме една лекција како бизнис низ овој процес, дека можеш да направиш што сакаш, можеш да изградиш во бизнисот што си замислил, но ако немаш владеење на правото во една држава, ако немаш пазарни принципи на вредности кон кои тежнееме, врзани за евроатлантските интеграции, не можеш да направиш ниеден отсто раст на БДП“, изјави Азески.
На средбата, од страна на претставниците на ДУИ беше најавен рамковен договор во делот на економијата. Во име на партијата изјава за медиумите даде Крешник Бектеши.
„Рамковниот договор во делот на економијата значи дека генерално сите политички партии кои ќе се приклучат кон ДУИ во наредниот период приоритет над приоритетите е да го имаат економскиот развој, а воедно и животниот стандард на граѓаните и во делот на интеграцијата на нашата држава, а воедно и внатрешно во делот на одредени области кои се најважни, а тие се базираат на три главни столба. Тоа е интегрирана економија, отворена економија, македонска економија, праведна економија во делот на легислативата и во делот на начинот како тоа се контролира согласно сите практики и директиви кои произлегуваат од ЕУ како што се антимонополските политики, како што се антидискриминаторските политики и други работи кои се предвидени во тој столб. И третиот столб е зелена економија во делот на транзицијата, посебно во енергетскиот сектор“, рече Бектеши.