Потребите на бизнис заедницата за вработување стручен и квалификуван кадар со високообразовни квалификации беа во фокус на средба со ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и претседателите на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања.
Целта на работната средба беше системско уредување на практичната настава во високото образование преку воспоставување на добро осмислена и функционално поставена институционална структура, која на студентите ќе им овозможи да стекнат практични вештини и компетенции за работните процеси во компаниите и работните организации. Во дискусијата се направи паралела на претходната законска регулатива за високото образование каде системски беше регулирана практичната настава, во споредба со постоечката законска регулатива во која практичната настава е предвидена само во студиите кои се поврзани со вршење на регулирани професии како што се медицина, фармација, ветерина, архитектура и стоматологија. Сепак, поради фактот дека интересот за практичната настава се повеќе се зголемува, како во сферата на приватниот, така и во сферата на јавниот сектор, дел од факултетите реализираат практична настава во соработка со бизнис заедницата за да ги подобрат стручните вештини и компетенции на студентите и да обезбедат нивна поголема вработливост. На средбата беше истакнато позитивното искуство од пилотирање на практичната настава на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, каде покрај креирањето на програма за практична настава беше реализирана и обука за менторска поддршка на студентите во компаниите и на факултетот.
Ректорската управа беше запозната со активностите кои Комората ќе ги спроведува во рамките на двата Совети, во кои соработката помеѓу приватниот сектор и образовните институции е од особено значење за испорака на резултати кои на долг рок ќе обезбедат поголема вработливост на младите кои што поседуваат релевантни стручни вештини и компетенции. Во насока на зајакнување на врските помеѓу науката и бизнисот, беше дискутирана и идеата за реализација на Денови на отворена врата, како е еден од приоритетите на Советот за високо образование, со кој ќе се поврзат работодавачите и студентите, во насока на подобро запознавање на учесниците на пазарот на труд со перспективите во одредена компанија или сектор. Оттука, произлезе иницијативата за реализација на циклус на настани „Студентите учат од бизнисот“, кои Комората и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, ќе ги реализираат во текот на академската година 2023-24 година. Целта на овие настани е студентите да се запознаат со добрите практики на еминентни претставници од бизнис заедницата, а преку посета на компании да се запознаат и со работните процеси, технологијата и автоматизацијата на компаниите, како нивен иден човечки потенцијал.
Од страна на ректорот Мираковски, беше дадена целосна поддршка во реализацијата на активностите и продлабочување на соработката помеѓу двете институции преку пилотирање на активности од кои резултатите ќе бидат основа за покренување на иницијативи за промена на законската регулатива и регулирање на процесот на практична настава.
Во таа насока беше заклучено дека е потребно да се направи :
- измена на законската регулатива за високо образование;
- прецизирање практичната настава во текот на академската година;
- прецизирање на улогата на менторите за реализација на практичната настава;
- обука на ментори и сертифицирање на ментори.
Со оваа средба, започнува циклусот на активности и консултации со високообразовните институции и компаниите во насока на дефинирање на потребите и формите на реализација на практичната настава и внесување на практичната настава кај работодавач, како посебен модул во студиските програми, со доделување на определен бројна кредити и вреднување на постигнатите стручни вештини кај студентите.