„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Коморски Инвестициски Форум (КИФ)

Панел дискусија за транзицијата на индустријата на Западен Балкан кон циркуларна економија и прв состанок на тематската група за зелена транзиција и енергетска ефикасност во рамки на ЗБ6 КИФ

09.02.2024

На 8 февруари 2024 година во Приштина се одржа Регионалниот координативен состанок на Западен Балкан, Revolve to Evolve - Go Circular. Состанокот организиран од Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ), Регионалниот совет за соработка и #EU4Green имаше за цел дополнително да ја акцентира потребата од соочување со предизвиците и можностите за имплементација на принципите на циркуларната економија, вклучувајќи зајакната координацијата меѓу донаторите, бизнисите, индустрискиот сектор и економиите на Западен Балкан во поттикнувањето на одржливиот развој. Г-дин Лулзим Рафуна, претседател на Управниот одбор на ЗБ6 КИФ во својот поздравен говор пред почетокот на панел-дискусиите, нагласи дека регионот има потенцијал за имплементирање на циркуларната економија.

Во попладневните часови, панел-дискусијата организирана од Коморскиот инвестициски форум за индустриската транзиција на Западен Балкан кон циркуларна економија, модерирана од Кристина Кузеска, менаџер во Стопанската комора на Северна Македонија, покрена важни прашања околу тоа колку земјите Западен Балкан преминуваат од линеарна во циркуларна економија, кои се клучните предизвици и кои цели веќе ги имаме постигнато, колку е важна регионалната соработка во процесот на транзиција на индустријата и кои се добрите практики од ЕУ кои треба да ги примениме. Со цел плодна дискусија, на панелот присуствуваа претставници од: Стопанската комора на Црна Гора, Стопанска и индустриска комора на Србија, UN Women, Европската платформа за циркуларна економија, две успешни компании кои веќе ја имплементирале циркуларната економија: Алуминиј индустрис и тики хоме, како и претставник од Генералниот директорат за животна средина.
Панелистите ја истакнаа потребата од силна регулаторна рамка за примена на циркуларната економија, потребата од финансиска поддршка за зелената транзиција, важноста на трансферот на знаење, јавно-приватната соработка и платформите за циркуларна економија кои можат да ја олеснат соработката и споделувањето информации меѓу бизнисите.
По завршување на координативниот состанок, во просториите на Стопанската комора на Косово се одржа првиот состанок на тематската група за зелена транзиција и енергетска ефикасност. Тематската група за зелена транзиција и енергетска ефикасност при ЗБ6 КИФ го имаше својот прв состанок за подготовка и изготвување на податоци за изработка на Акциониот план за заеднички пазар 2.0. Во следните неколку месеци, експертите од 6-те комори на ЗБ, заедно со претставници на регионалните мали и средни претпријатија кои ќе бидат дополниелно селектирани, ќе работат на откривање на пречките и дефинирање на клучните барања на регионалните бизниси за конкретниот сектор, давајќи препораки и предлози за понатамошно подобрување и конвергенција на заедничкиот пазар кон политиката на ЕУ за Зелената агенда.