д-р Јелисавета Георгиева Јовевеска, потпретседател на Стопанската комора на Сверна Македонија и генерален секетар на Националниот совет за извоз говореше за ризиците со кои ќе се соочува македонската економија и во 2024 година.
Во интервјуто кое Ирена Каревска од Bloomberg го имаше со Георгиева Јовевска се даде осврт на отежнатите услови за работење во надворешно-трговската размена поради рецесиското опкружување во Европа, падот на нарачките од Германија како и за тоа какви текови најавува 2024 година во поглед на условите за извоз за македонските компании и кои се притоа главните ризици.
Георгиева Јовевска во интервјуто се осврна и на ризиците за работење предизвикани од отежнатиот транспорт преку Црвеното море заради вооружените напади, кои секако дека можат да влијаат и врз трговијата меѓу Македонија и Кина која има тенденција на пораст но со која земја имаме дефицит. Беше подвлечено дека, генерално, нападите во Црвеното Море ја загрозуваат светската трговија. Суецкиот канал, кој го поврзува Црвеното Море со Средоземното Море е најкраткиот воден пат меѓу Европа и Азија. Пример, според пресметките од еден европски аналитичар, ако го земеме на пример патот во две насоки од Шангај до Ротердам, заобиколувањето преку Р'тот добра надеж ги зголемува само трошоците за гориво до милион долари, па оттука можеме да замислиме колку кратно се зголемуваат и обременуваат трошоците за компаниите па и со тоа за крајните корисници односно потрошувачите. Но, очекувањата се дека нарушувањето ќе биде временски ограничено и нема да предизвика и големи инфлаторни пореметувања.
Гeоргиева Јовевеска потенцираше и дека како Комора сме фокусирани на спроведување на извозна стратегија за развој на државата и дека поставуваме цел - во наредните години двојно да го зголемиме процентот на компании кои извезуваат. И секако да го дуплираме бројот на производите-од 440 производи со компаративна предност да извезуваме двојно повеќе производи, а најголем дел од нив да бидат производи со висока додадена вредност. Фокусот на Комората е кон домашните извозни компаниите кои имаат почетни обиди за извоз за да им се помогне да изградат капацитети за зајакнување на конкурентноста и дефинирање на својата палета на производи за извоз, но и кон веќе извозно ориентираните домашни компании, преку идентификување на нови извозни можности и услови за освојување на нови пазари и поддршка за зголемување на продажбата, преку учество на саеми во странство, деловни мисии, B2B средби на странски пазари и др.
Тука, клучна улога има Националниот совет за извоз кој се имплементира во партнерство со УСАИД и кој работи во насока на креирање на мерки за поддршка на извозните компании. Националниот совет за извоз има зацртано во оваа година да се формира Институтот за извоз со главна цел развивање на капацитетите на човечките ресурси преку одржување на обуки и работилници за извозно ориентирани компании и Дигитална платформа за извоз кое ќе ја олесни извозната промоција на компаниите, преку обезбедување на корисни податоци и информации кои се од особено значење за надворешно-трговското работење.
Многу е важна поддршката од сите чинители и синергијата меѓу бизнисот и државата која треба да се насочи во насока на поддршка на една од најважните сегменти на македонската економија, односно извозот. Золемување на извозот, заедно со добрата инфраструктура и инвестициите преку заеднички именител-кадарот, се клучните елементи за зголемување на стапката на раст на македонската економија.
Националниот совет за извоз е национално и советодавно тело во доменот на креирање и спроведување на политики за унапредување на извозот, зајакнување на извозните потенцијали на домашната економија, поттикнување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и освојување нови пазари. Основан е на иницијатива на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција“ (ПСРИСА) кој се имплементира во партнерство помеѓу Стопанската комора на Северна Македонија и Агенцијата за меѓународен развој на САД – (УСАИД).
Националниот совет за извоз има за цел да поттикне поголема поддршка и унапредување на извозните активности на компаниите во Република Северна Македонија. Во него покрај Комората, членуваат и претставници од приватниот сектор со опфатеност на различни дејности кои се извозно ориентирани, како и претставници од кабинетите на претседателот и заменик претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Министерствата за економија, надворешни работи, Дирекцијата на технолошки индустриски развојни зони, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Фондот за иновации и технолошки развој и Царинската управа.