„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПОНУДАТА И НА ПОБАРУВАЧКАТА НА ВЕШТИНИ – КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА СОЗДАВАЊЕ ПРОФИТАБИЛНИ БИЗНИСИ

09.02.2023

Усогласување на понудата и на побарувачката на вештини на локално и на регионално ниво, како клучен фактор за создавање профитабилни бизниси, беше темата за дискусија на шестата седница на Советот за развој на тренинг и обуки при Стопанската комора на Северна Македонија. Тоа значи ефикасно обезбедување кадар со релевантни вештини и компетенции за одржување на продуктивноста, особено кај брзорастечките компании, и за предвидување во плановите за иден развој и за инвестирање на компаниите. Појдовна основа на дискусијата беа наодите од „Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски Регион во Северна Македонија“, (https://www.mchamber.mk/upload/publications/4/781_1.pdf) која беше презентирана пред членовите на Советот за развој на обуки.

Анализата е изработена од д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и за образование, со поддршка од Стопанската комора, и претставува  мултидимензионална  анализа во која на едно место се обединети сите расположливи податоци за десет години, од 2010 година, за главните фактори кои влијаат врз понудата на човечки ресурси: вкупниот број на население; старосната структура и бројот на работоспособно население; надворешните и внатрешните миграции, како и факторите кои влијаат врз страната на побарувачката на квалификуван кадар: бројот на вработени по региони; просечните плати по региони; бројот на вработени по сектори; бројот на невработени и слободните работни места. Со вкрстување на податоците е добиена појасна слика за понудата и побарувачката на работна сила, за потребите од вештини, за дефицитарните квалификации на регионално ниво, како и за предвидувањата за истите параметри до 2030 година.

Според анализата, 82 % од компаниите се обиделе да го обезбедат кадарот со потребните вештини, но не успеале во целост да го регрутираат бараниот кадар, пред сѐ, поради ограничениот број на кандидати со соодветни квалификации и работно искуство (45 %), што ја зголемува потврдата за големиот расчекор меѓу понудата и побарувачката на квалификации на пазарот на трудот.

Демографските параметри се еден од факторите кои влијаат врз понудата на вештини на пазарот на трудот. Според движењето на бројот на населението по региони, во Скопскиот Регион забележливо е зголемување на бројот на жители, иако во последните години растот забавува, за разлика од другите региони, каде што се забележува тренд на поголемо или на помало опаѓање на бројот на жители со текот на времето. На страната на понудата битна карактеристика е и старосната страктура на населението (на возраст од 15 до 64 години). Во сите региони доминантно е населението од 30 до 39-годишна возраст.

Во Вардарскиот и во Пелагонискиот Регион работоспособното население бргу опаѓа, па може да се очекува до крајот на деценијата да падне под 62 % од вкупното население. Ова укажува на тоа дека во тие региони ќе има значително намалување на работоспособното население, што дирекно ќе влијае врз понудата на кадар за компаниите.

За разлика од тие региони, во Скопскиот Регион има раст на бројот на работоспособно население, особено на возраст од 35 до 39 години. Тоа предизвикува диспаритет по региони во однос на понудата со соодветните квалификации.

Миграциите (доселување и отселување во други земји) влијаат врз движењето на бројот на населението и на работоспособното население во одделните региони и даваат вкупен придонес во понудата на работна сила на национално и на регионално ниво. Според податоците во Анализата, бројот на доселени лица расте во сите региони, а најмногу во Скопскиот Регион (од околу 200 до приближно 1.300), каде што има најголем број и на отселени лица, што директно влијае врз понудата на пазарот на трудот. Растечки тренд на отселување, податоците покажаа и во Пелагонискиот Регион, што предизвикува неповратен недостиг од расположливи квалификации. Во Анализата се опфатени и внатрешните миграции, при што состојбата покажува дека најголем е бројот на доселени лица од други региони во Скопскиот Регион, додека, пак, во другите четири региони вредностите се многу помали. Тоа може да се поврзе со повисоките плати и со значително повисокиот регионален домашен бруто-производ во Скопскиот Регион, што создава услови за продуктивни вработувања и за повисок стандард на вработените, но предизвикува и неусогласување на понудата и побарувачката на работна сила, зголемување на бројот на лица со соодветни квалификации во одредени региони, па дури и презаситеност и одлив на кадар во другите региони, а поттикнува и нефункционалност на стручните училишта во тие региони.

Бројот на вработени е важен индикатор на страната на побарувачката. Според податоците на Анализата, бројот на вработени во сите региони расте, но најбрз раст има во Скопскиот Регион. Наспроти тоа, просечната плата на вработените, како еден од индикаторите на страна на побарувачката, е највисока во Вардарскиот Регион, а потоа во Скопскиот. Просечната плата благо расте во сите пет региони, но, сепак, во Источниот и во Југоисточниот Регион имаме најниски плати.

Кога станува збор за бројот на слободни работни места по региони, стапката на раст во Вардарскиот и во Југоисточниот Регион е негативна, а најмногу слободни места има во Пелагонискиот Регион, каде што имаме стареење на населението, и во Источниот Регион, oд каде што има најмногу заминувања во други држави. За очекување е, според бројот на слободни работни места, бројот на невработени лица како индикатор да биде помал во оние региони во кои има слободни работни места. Според податоците од Анализата, за периодот од 2008 до 2019 година Источниот и Југоисточиот Регион имаат стапка на невработеност која е пониска од 22 %, додека, пак, другите региони имаат изразено високи вредности од околу 35 % и повисоко, и тоа на лица со средно образование. Од друга страна, 54 % од компаниите имаат среднорочен план за развој, кој ги вклучува и потребите од специфични квалификации од стручното образование и обука. Ова покажува дека компаниите му придаваат големо значење на планирањето на потребите од специфични квалификации од стручното образование и обука, но понудата на пазарот е оскудна со лица кои имаат соодветни вештини и средно образование. Според Анализата, само 26 % од компаниите сметаат дека практичните вештини на завршените ученици во стручното образование и обука и завршените учесници во образованието за возрасни се во согласност со барањата на нивната компанија, а 42 % од компаниите сметаат дека кандидатите имаат соодветни теоретски знаења. Според податоците на Анализата, најдефицитарни квалификации што ги бараат компаниите се: обработувач на метал, заварувач, автотехничар мехатроничар, конструкциски механичар, машинско-енергетски техничар, техничар за индустриско производство, мехатроничар, машински механичар, електротехничар енергетичар, автоелектроничар, прехранбен техничар, готвач, пекар, слаткар, хемиско-технолошки техничар, мeсо и млекопреработувач, конфекционер, конфекциски техничар, текстилен техничар, техничар за обувки, производствено-процесен техничар, техничар за мебел и ентериер, техничар за обработка на дрво, столар, фармацевтски техничар и итн.

Квалификациите од ИТ-секторот се неопходни за работните процеси во сите сектори: софтвер-тестер, програмер, обработувач на податоци и на прогнози, кодер...

Сите овие параметри влијаат врз усогласеноста на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и врз продуктивноста и врз растот на компаниите. Следењето на актуелните параметри и на предвидувањата е, исто така, важен процес, кој им помага на компаниите да ги планираат своите идни вложувања и инвестиции. Преку следење на состојбите се анализираат сите промени што се случуваат на пазарот на трудот, за да се обезбедат релевантни показатели за актуелните состојби за понудата и побарувачката на вештини и за да може соодветно да се одговори на нив. Динамиката на технолошкиот развој постепено создава нови занимања и потреби од нови вештини. Разбирањето на новите барања за вештини е од клучно значење за справување со предизвиците во побарувачката на вештини. Дополнително, здравствената криза, климатските промени и енергетската криза придонесоа за менување одредени навики во работењето на производствените компании, кои беа првите на удар и кои најмногу ги почувствуваа последиците од кризите, како и за промена на агендата и на приоритетите во обезбедувањето на вештините. Таквата динамика предизвика некои сектори да доживеат голем развој, а други да опаѓаат. Во некои случаи доаѓа и до згаснување на секторите. Податоците од Анализата покажаа дека во сите плански региони во наредните 10 години преработувачката индустрија бргу ќе расте, додека, пак, земјоделството како сектор ќе опаѓа, во некои региони дури и ќе стагнира, а во Југоисточниот Регион ќе дојде и до негово подинамично опаѓање. Во Вардарскиот регион, покрај преработувачката индустрија, расте и секторот транспорт, додека, пак, во Скопскиот Регион повеќе сектори имаат растечки тренд, од кои четири се најзначајни: трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и на мотоцикли, преработувачка индустрија и градежништво. Во Југоисточниот и во Пелагонискиот Регион ќе има згаснување на секторот рударство и вадење камен.

Советот за развој на тренинг и обуки заклучи дека Анализата ја отсликува реалната состојба на понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот, кои се во голем расчекор, а податоците од Анализата се добра основа за подготовка на мерки за усогласување на понудата и побарувачката на лицата со соодветни вештини за работните процеси. 

1.     Образованието мора да ги следи актуелните состојби во државата во целост, но и на регионално и на локално ниво, а образовните политики треба да бидат насочени спрема добивање вештини во согласност со потребите на пазарот на трудот, но и да ги одразуваат перспективите за развој на секторите на долг рок. Младите, по завршувањето на образованието, треба да бидат лесно вработливи со квалификациите што ги поседуваат.
2.     Советот за развој на тренинг и обуки може да дејствува во насока на обезбедување кадар со практични вештини преку процесите на преквалификација и на доквалификација на невработените и преку обуки според барањата на бизнис-секторот по региони.
3.     Советот за развој на тренинг и обуки може да дејствува во насока на подобрување на вештините на вработените преку внатрешни обуки во компаниите, според програми изработени на барање на компаниите поединечно, или преку обуки надвор од компанијата.