„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПОТТИК ЗА ИЗВОЗ: Нови методи и алатки за поддршка на македонските компании

12.02.2024

Националниот совет за извоз (НСИ) ја засили својата активност и прави радикална промена на методот на работа со мерки и алатки за имплементација на извозот како врвен приоритет. На петтата седница на Советот, која беше отворена за јавноста, беа истакнати стратешките приоритети на Советот предвидени за следниот период кои имаат за цел да поттикнат поголема поддршка и унапредување на извозните активности на компаниите и нивна интеграција во регионалните и глобалните системи.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, кој истовремено е и претседател на Националниот совет за извоз, на седницата нагласи дека македонските компании мора да бидат конкурентни, а за да се зголемат извозот и конкурентноста на компаниите, треба да функционира правната држава и владеењето на правото. Истовремено тој укажа и на потребата од елиминирање на нетарифните бариери, кои се сериозна пречка за зголемување на извозот, зголемување на бројот на стратешките пазари на кои извезуваат македонските компании, како и вмрежување на повеќе институции и компании за олеснување на извозот.
„Целта ни е методолошки да одиме на имплементацијата и тука да ги решаваме проблемите со нови алатки, нови инструменти коишто ќе ги воведеме. Мислам дека во Македонија на секој му е доволно јасно што значи извозот и тоа не треба да се експлоатира, тоа е завршена работа. Без извоз Македонија не може да егзистира понатака. А како ќе го зголемиме тоа е цел на ова тело. Капацитетот на Советот на овие пет седници покажа дека е на ниво на задачата. Мислам дека е голема работа самиот факт што ние знаеме што е извоз и знаеме што треба да направиме понатака во делот на имплементацијата“, рече Азески на седницата. 
Генералниот секретар на Советот, Јелисавета Георгиева Јовевска пред присутните даде преглед на почетните резултати од работењето на Советот и активностите кои ќе бидат приоритет оваа година.
„Да ја оствариме клучната компонента за имплементација на целите утврдени со приоритетот на Стопанската комора на Северна Македонија за извозот како носечка активност на македонската економија. Тоа значи дека потребна е синергија и промптна примена на мерките и активностите за поддршка на извозот, а не само да се повторува дека извозот е врвен приоритет“, истакна Георгиева Јовевска.
Георгиева Јовевска даде пресек што е до сега сработено и што треба да се сработи со рокови. Издвојуваме клучни активности:
Од формирањето на ова тело до сега реализирани се следните активности:
      • Направена Анализа на извозните потенцијали на македонската економија од страна на претседателот на Клубот на извозници. Истата претставува добар патоказ при градењето на политиките на Советот во иднина. Рок за имплементација на наодите од анализата-тековно
      • Направена е Анализа за мерките и субвенциите за поддршка на земјоделско прехранбениот сектор во насока на зголемување на извозот од страна претставник од Здружението на земјоделие при Комората. Истата претставува патоказ за што е потребно како инпут од институциите. Рок за имплементација-на наодите од анализата-април 2024 година.
      • од страна на Министерството за финансии на РСМ беше презентиран документ со информација за планираните буџетските средства наменети за поддршка на извозот во 2024 година. Заклучок е да се формира тело коешто за наредните седници ќе подготви агенда за работа со цел да се запазат роковите.  Рок за имплементација-април 2024 година.
      • Направена е презентацијата на мерките за поддршка на извозот во земјите од Западен Балкан Коморски инвестициски форум- КИФ. Заклучок, потребно е во следниот период да се подготви компаративна анализа кадешто ќе бидат опфатени повеќе сектори. Рок за имплементација-мај 2024 година.
      • Дадени се инпути од деловната заедница на Западен Балкан во врска со развојот на Планот за раст за Западен Балкан-СКСМ подготви предлози кои беа земени предвид во текот на развој на новиот План за раст за Западен Балкан. Инпутите за Планот за раст опфаќаат различни иницијативи воглавно фокусирани на инфраструктурата, елиминирање на трговските бариери, меѓусебно признавање на трговската документација, акредитирани лаборатории итн. Рок за имплементација по нашите инпути од страна на институциите-тековно.
      • Дадени се наши иницијативи во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за промоција на извозот (2024-2027) и истите се адресирани до Министерството за економија (дел од предлозитеорганизирање конференции и активности за промовирање на извозот, Поддршка во спроведување на обуки за МСП-а за подигање на свеста за иновации, дигитализација, патенти и права од интелектуална сопственост; Креирање на е-платформа за олеснување на извозот, односно промоција на производи и услуги и деловно вмрежување, добивање и споделување на информации релевантни за извозните активности; Организирање на специјализирани обуки за надворешна трговија и други теми поврзани со извозот како дел од мерката за поттикнување на развојот и унапредувањето на вештините и културата за интернационализација на човечките ресурси во претпријатијата). Рок за имплементација по нашите инпути од страна на институциите-тековно.
      • Дадени се иницијативи од компании кои се членки на Клубот на извозници кои се канализирани до Инвест Северна Македонија (АСИПИ) поврзани со мерки за поддршка на промоција и поврзување на домашните извозни капацитети со странските пазари. Рок за имплементација по нашите инпути од страна на институциите-тековно.
 
Во следниот период советот ќе се фокусира на:
      • Потребна е поддршка од институциите по области/сектори/Генерално за да се подобри извозот треба се зголеми буџетот за поддршка на извозот преку поддршка на саемски манифестации и поддршка на маркетиншки активности, како и плански да се трошат доделените средства по основ на другите програми. Потребно е да се променат методологијата и мерките со конкретни предлози. Рок за имплементација-веднаш.
      • Да се направи презентација на мерките за унапредување на извозот преку реформи во туризмот од страна на претставник од Здружението за угостителство и туризам при Комората, Скопје. Рок за имплементација-на на денешната седница е тоа направено.
      • Институционално проширување на Советот со нови членови, како на пример со Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии и други. Рок за имплементација-тековно
      • Реализација на посети по институции и компании. Рок за имплементација-тековно
      • Формирање на Институтот за извоз (кој ќе се состои од Центар за обука со фокус кон развивање на капацитетите на човечките ресурси преку одржување на обуки и работилници за извозно ориентирани компании и Истражувачки и аналитички центар кој ќе се фокусира на обезбедување услуги преку компаративни анализи за поддршка на извозните компании) и Дигитална платформа за извоз – Easy Export (дигиталното решение кое ќе ја олесни извозната промоција на компаниите, преку обезбедување на корисни податоци и информации кои се од особено значење за надворешно-трговското работење). Рок за имплементација-мај 2024 година.
      • Активности за настани поврзани со елиминирање на нетарифните бариери кои претставуваат сериозна пречка во надворешно-трговското работење и кои е договорено да се третираат во континуитет. На пример прашањата за воспоставување и имплементација на програми за меѓусебно признавање на сертификатите и анализите за квалитет кои ја следат извозната стока или исполнување на различните технички стандарди, нетранспарентните правила и процедури од различни инспекциски и други надлежни органи итн. Рок за имплементација-тековно
      • преку Министерството за економија и Министерството за надворешни работи иницирање потпишување на нови билатерални договори за слободна трговија со оние земји коишто можат да станат стратешки пазари за македонските извозници. Рок за имплементација-март-септември 2024 година.
      • Вмрежување со компаниите од регионот. 2024-та година е година во која на чело со претседателот Азески, Стопанската комора на Северна Македонија претседателствува со АБК. Во фокусот за време на претседателството од страна на претседателот Азески и Стопанската комора на Северна Македонија, ќе бидат ставени извозот инвестициите и инфраструктурата. Асоцијацијата на балканските комори (АБК) е здружение на 10 стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое оваа година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција и Стопанската комора на Косово. Рок за имплементација-мај-ноември 2024 година.
Националниот совет за извоз како тело е клучно во работата на Стопанската комора на Северна Македонија.
Во следниот период ова тело ќе работи на остварување на целите за поддршка на извозот, посебна стратегија за работа со десет земји што ја имаме во надворешно трговската размена, мерки за директна поддршка на државата за извозните компании преку буџетот и на крајот компаративна анализа за земјите кои на краток рок оствариле видливи резултати на овој план особено т.н.азиски тигри.
 
 
Азески: Националниот совет за извоз претставува клучен механизам за јавен-приватен дијалог каде за прв пат се поставува претседател-човек кој доаѓа од приватниот сектор, а не од Владата, што е потврда за поставување на работите на свое место, особено што ова се случува во извозниот сектор кој е единствениот начин за развој на нашата економија.
 
Националниот совет за извоз има за цел да поттикне поголема поддршка и унапредување на извозните активности на компаниите во Република Северна Македонија. Во него покрај Комората, членуваат и претставници од приватниот сектор со опфатеност на различни дејности кои се извозно ориентирани, како и претставници од кабинетите на претседателот и заменик претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Министерствата за економија, надворешни работи, Дирекцијата на технолошки индустриски развојни зони, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Фондот за иновации и технолошки развој и Царинската управа.
 
Националниот совет за извоз претставува национално и советодавно тело во доменот на креирање и спроведување на политики за унапредување на извозот, зајакнување на извозните потенцијали на домашната економија, поттикнување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и освојување нови пазари. Основан е на иницијатива на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција“ (ПСРИСА) кој се имплементира во партнерство помеѓу Стопанската комора на Северна Македонија и Агенцијата за меѓународен развој на САД – (УСАИД).