„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА РЕГИОНАЛНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО АТАШЕ НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА РС МАКЕДОНИЈА

31.01.2024

Почнувајќи од ноември 2023 година, покривањето на USDA за РС Македонија ќе биде преку Канцеларијата на регионалното земјоделско аташе во Варшава, Полска. Г. Левин Флејк, придружуван од Мила Бошнакова, специјалист за земјоделство, и од Александар Тодоров, специјалист за маркетинг од Канцеларијата на USDA FAS во Софија, Бугарија, денеска ја имаше својата прва воведна посета на Стопанската комора на Северна Македонија за да се сретне со клучните играчи во секторот земјоделство и храна во земјава.

Земјоделството и прехранбената индустрија во Република Северна Македонија, економски гледано, се третиот најголем сектор, кој има значаен придонес во бруто-домашниот производ (БДП), во надворешната трговија и во јавната и приватната потрошувачка, а, пак, социјално гледaно, овие две индустрии заеднички се голем работодавец, со вкупно 10.967 активни претпријатија.
Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени, и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти. Наместо развојна нота, тие беа искористени како социјално-политичка алатка
Но, македонското земјоделство во изминатите 25 години се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, спогодбата со ЕУ и членството во ЦЕФТА ги проширија можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголемија и домашната конкуренција.
Создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор кој ќе ги искористи компаративните предности на Република Северна Македонија бара доследно спроведување сеопфатни мерки во повеќе области вклучувајќи: ефектни земјишни политики, финансирање, преструктуирање на земјоделското производство во насока на производи со недостиг од високи примања и ефикасен пазар кој обезбедува соодветна средина за техничките и за претприемачките вештини на домашните фармери. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи, чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потеклото, со заштитни географски ознаки или со загарантирани традиционални специјалности, за да се зголеми нивната побарувачка, за да се зголеми интересот на производителите за влез во производството на заштитени производи, за да се постигне нивно подобро позиционирање и за да се спречи злоупотреба на заштитените имиња на пазарот.
На Македонија ѝ недостигаат економски одржливи рурални заедници кои ќе придонесат во развојот на македонското земјоделство и во пласманот на македонските производи на странските пазари. Еден дел од буџетските средства во изминатите години беа наменети за развој на инфраструктурните капацитети за развој на земјоделството (инвестиции во системи за наводнување, во модерни мелиоративни системи насекаде низ државата, во изградба на брани, во регулирање на водните корита итн.). Неопходно е спроведување активности поврзани со промените во животната средина за во еден догледен период да може да се видат резултатите од добрата земјоделска пракса и од подигнувањето на свеста на населението за значењето на можностите што ги дава РС Македонија за производство на здравствено безбедна храна. Притоа, посебно внимание треба да им се посвети на приспособувањето на климатските промени (како во растителното производство така и во анималното), контролираното управување со водните ресурси, биоенергијата и на биодиверзитетот во државата.
Млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните потсектори во агроиндустријата со потенцијал за развој, за што бизнис-секторот има конципирано предлог-мерки. Но изминатите години кулминираа проблемите во сите сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање одредени суштински проблеми за да се зачуваат сточниот фонд, лебното жито и лозарството како стратешка суровинска база, а дури потоа ќе може да се размислува за стимулативни мерки кои ќе доведат до раст.
Претставниците од овие сектори кои учествуваа на денешната работна средба посочија неколку области во кои американската помош би била значајна за државата и за земјоделско-прехранбениот сектор. Делот на статистички податоци и анализи, како појдовна основа за градење стратегија во земјоделството, технологијата и во трансферот на знаење, како и нова генетика во сточарството се само дел од предлозите кои ги слушнаа претставниците од американската Амбасада.
На крајот од средбата во Комората беше договорено интензивните консултации со претставниците од американската Амбасада да продолжат и во наредниот период, во насока на зголемена поддршка и на унапредување на соработката во овој сектор.