Учењето преку работа им нуди на учениците стекнување работно искуство во реални услови и им овозможува знаењето и вештините што се стекнати во училиште да ги поврзат со светот на трудот и идните кариерни можности. Тоа беше и целта на ПЗУ “Прим. д-р Самарџиски“, Штип, да се вклучи во стручното образование и обука и во реализацијата на учењето преку работа, а со поддршка на Стопанската комора, ги исполни двата важни критериума за осигурување квалитет во реализацијата на практичната обука: 1) сертификација на ментор преку завршување на обуката за ментори кои ќе ги водат учениците во процесот на учење преку работа и 2) верификација на компанијата за реализација на практична обука на ученици.
Приватната здравствена установа “Прим. д-р Самарџиски“, Штип поседува соодветни услови, каде учениците од СОУ „Јане Сандански“, Штип, ќе ја реализираат практичната обука и високо професионален стручен персонал, кој е вклучен во практичната настава на учениците. ПЗУ претставува средина за едукација на учениците од средното медицинско училиште.
”Учењето преку работа придонесува кон севкупниот развој на ученикот и претставува начин, за тој самиот, да се обезбеди и да ја долови вредноста на професијата уште пред да го заврши своето формално образование. На реално работно место, учениците го увидуваат процесот на стандардизација на работните процеси во целост, како и дигитализација на работните процеси во една лабораторија кога станува збор за квалификацијата Медицински лабораториски-санитарен техничар. Од наша страна ние сме задоволни што на овој начин ќе го унапредиме и обезбедиме здравствениот систем со уште поквалитетни и ефикасни кадри кои во иднина ќе даваат услуги за нашите граѓани од Источниот регион“ вели д-р Мануела Манева Ристова, раководител на специјалистичката дијагностичка лабораторија “Прим. д-р Самарџиски“ во Штип, специјалист по медицинска биохемија.
ПЗУ „Прим. д-р Самарџиски“ e основана во мај 1998 година со цел да го унапредува и подобрува здравјето на своите пациенти. Станува збор за современа поликлиника, здравствена установа по општата медицина, со четири тима матични лекари со над 5000 редовни пациенти; интерна медицина за превенција, дијагностика и лекување со над 6000 прегледи годишно и сопствена специјалистичка дијагностичка лабораторија која дава услуги од областа на биохемијата за анализа на крв и останати примероци од хумано потекло.
ПЗУ „Прим. д-р Самарџиски“ соработува и со Факултетот за медицински науки при Универзитетот “Гоце Делчев” - Штип со цел промовирање наставна, стручна и научна размена на знаења, искуства, кадар и капацитети и за стекнување вештини и компетенции за високообразовните квалификации кај студентите. Практичниот дел од феријалната практика го поминале над 400 студенти.
ПЗУ „Прим. д-р Самарџиски“, Штип е првата верификувана приватната здравствена установа за практично образование во Штип.