Постојаниот избран суд – Арбитража денес беше домаќин на средбата со студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“предводени од проф.д-р Татјана Зороска Камиловска. Студентите, кои во моментов се на мастер-студии по деловно право, имаа можност да ги надградат своите знаења преку практични примери и искуства од работата на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија и да разменат мислења околу специфични прашања што се важни за текот на арбитражната постапка.
Претседателката на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората, д-р Елена Милевска Штрбевска, ги информираше студентите за начинот на работа на Постојаната арбитража, а беа споделени практични искуства околу начинот на договарање на Арбитражата и постапувањето во случај на „патолошки арбитражни клаузули“, како и за начинот на популаризација на овој алтернативен метод за решавање на споровите.
За пофалба се и напорите на наставниот кадар од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје за реализирање практична настава во високото образование, со цел покрај теоретското знаење, да се стекнат и со практични знаења и искуства кои се од големо значење за натамошниот личен и професионален развој на младите правници, од една страна, и создавање високостручен кадар во согласност со потребите на работодавачите, од друга страна.