„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
06.02.2023
Во организација на Секторот за образование при Општина Куманово и средните општински училишта во Занаетчиски дом – Куманово, се одржа социјален дијалог под мотото “Учи паметно, работи стручно!”
Настанот го отвори градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој посочи дека со воведување на средното како задолжително замреа занаетите, а се повеќе присутен е недостигот на квалификуван кадар особено во метална индустрија. И покрај тоа што во кумановско се евидентирани над 9.000 невработени лица, сепак голем дел од истите немаат комплетирано образование или се основно образование што не упатува на тоа дека е потребно да се работи и на доквалификување на работната сила за потребите на приватниот сектор во Куманово.
Локалната бизнис-заедница веќе извесен период бара стручни работници и се жали на недостиг на квалификувана работна сила, иако последниве години расте бројот на ученици кои се вклучени во средните стручни училишта и во дуалните паралелки, а зголемен е и бројот на компаниите приклучени на оваа кампања, изјави Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Како Влада, ќе ги разгледаме сите можности во делот на добри, ефикасни пакет мерки, со кои, ќе се стимулираат компаниите кои ќе го вработат стручниот кадар кој ќе заврши во стручното образование, заклучи Шаќири.
Стопанската комора на Северна Македонија одамна е активно вклучена во образовните процеси и креирањето на образовни политики кои го поттикнуваат вклучувањето на работодавачите во реализацијата на некоја од формите на дуално образование,а во социјалниот дијалог насловен: „Учи паметно-работи стручно“ сме од самиот почеток, изјави м-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаења во Стопанската комора на Северна Македонија. Покрај вклученоста во изработка на над 85 образовни програми, упатства и стандарди, бевме вклучени и во работната група за подготовка на новиот закон за стручно образование и обука, имплементираме и обука за стручен кадар-ментори во компании и можеме да се пофалиме со бројка од 500 сертифицирани ментори во компании од страна на Комората.
Изминатите две години се постигнаа значајни резултати во стручното образование, 61 училиште воведе дуален модел на образование, бројот на дуални паралелки порасна на 225 од првичните 11 паралелки, а 500 компании се вклучија во дуалното обраование и учењето преку работа со што и бројот на ученици кои одбраа стручно образование достигна 69% од вкупниот број на запишани ученици во средното образование. Овие податоци, уште повеќе го потврдуваат фактот дека кога образованието се креира по мерка на бизнисот и кога работодавачите се вклучуваат во образовние процеси се доаѓа до посакуваната цел за побрз трансфер на ученици од образовна клупа кон работна средина, намалување на стапката на невработеност, зголемување на продуктивноста во самите компании и раст на домашната економија, заклучи м-р Донев.
Социјалниот дијалот „Учи паметно – работи стручно“, има цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија. Консултациите ги предводат претставници на Владата, министерството за образование и наука, градоначалници, компании и стручни училишта, на кои се дискутира за потребите на реалниот сектор од отворање на дуални паралелки во средните стручни училишта, за наставните програми и за уписните политики во средните стручни училишта. За првпат започна да се спроведува во 2021 година од Министерството за образование и наука со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“-Е4Е@мк, за веќе од 2023 година процесот да премине кон локалните самоуправи со што се покажува системскиот приод кој оваа иницијатива го носи сама по себе, локалните чинители: самоуправа, училишта и бизнис заедницата да ги идентификуваат потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта.