На 17 ноември во Тирана се одржа втората конференција на Балканскиот Економски Форум (Balkan Economic Forum). На конференцијата Стопанската комора на Северна Македонија се претстави со свој панел на тема „Одржливо финансирање, до каде сме со примената на ЕСГ стандардите на Балканот”. Одржливото финансирање опфаќа низа активности, од вложување пари во проекти за зелена енергија до инвестирање во компании кои демонстрираат општествени вредности како што се социјално вклучување или добро владеење со тоа што, на пример, има повеќе жени во нивните одбори. Одржливите финансии имаат клучна улога во светската транзиција кон нето нула емисија преку канализирање приватен капитал во проекти кои се јаглерод неутрални.
Одржливото известување претставува транспарентно објавување на нефинансиските перформанси од страна на компанијата во однос на еколошките, социјалните и политиките на добро владеење. Имено, се повеќе целта на корпорациите се редефинира во создавање заеднички општествени вредности, а не само профит пер се. Акронимот ЕСГ (Environment, Social and Government) означува збир на квалитативни и кватитативни податоци кои го опишувааат односот на компанијата кон еколошкиот статус на бизнисот, општествените вредности и добрите политики за корпоративното управување на компанијата, вклучително и изложеноста на компанијата кон нив, како и управувањето со ризиците.
На панелот на Стопанската комора главен говорник беше г-ѓа Лаура Ќорлазе, претставник на ИФЦ (IFC) за Албанија, а панелисти беа г-ѓа Веселина Харалампиева, виш советник од ЕБОР (EBRD) Лондон, г-ѓа Лидија Нануш, постојан експерт на УНКТАД од Источна Европа, г-дин Методија Миноски, задолжен за управување со животната средина и известување за влијанието во ПроКредит Холдинг во Германија и г-дин Кастриот Арифи, член на работната група на ESG на Винаријата Тиквеш. Панелот го модерираше г-ѓа Аделиада Мехметај од невладината организација ConsciESG.
Панелистите ги споделија своите професионални искуства од различни аспекти и перспективи за ESG, фокусирајќи се на предизвиците и научените лекции, за да им помогнат на компаниите подобро да разберат зошто ESG стандардите се важни за бизнисите и како овие стандарди може успешно да се имплементираат во нивното работење.
Г-ѓа Ќорлазе истакна дека воведувањето и известувањето по ESG стандардите е процес и дека секоја компанија се обидува да го направи правилно, на начин што носи позитивно влијание за општествената средина, како и финансиска добивка за компанијата. Г-ѓа Лидија Нануш сподели зошто ESG е важен за компаниите, изнесувајки практични совети за тоа како да се усогласат ESG со Целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals - SDG) на начин кој ги исполнува најновите критериуми за нефинансиско известување. Г-ѓа Веселина Харалампиева, ја презентираше агендата на ЕБОР за ESG стандардите, на што да се фокусираат компаниите од правна гледна точка и зошто ESG е важен за пазарите на капитал – компаниите кои инвестираат во ЕСГ стандардите ќе имаат пристап до поволни финансиски средств. Г-дин Методија Миноски, зборуваше за известувањето за ESG стандардите и зошто тие се важни од банкарска перспектива. Тој сподели конкретни насоки за тоа како компаниите можат да го објават својот напредок од аспект на животната средина. Г-дин Кастриот Арифи, член на работната група на ESG на Винаријата Тиквеш, го сподели практичното искуство од имплементацијата на ESG во Винаријата Тиквеш. Тој истакна дека ESG треба да биде врвна агенда за секоја компанија во моментов. Имено, немањето на нефинансиско известување за ЕСГ ќе влијае на конкурентноста на компанијата и ќе ја остави надвор од пазарите на капитал и инвестиции. Модераторот г-ѓа Мехметај ја затвори сесијата со констатација дека дефинирањето, воведувањето и известувањето по ЕСГ стандардите е прозорец на можности за компаниите од регионот во насока на започнување на агендата за одржливост, со учење и од глобалните грешки и од најдобрите примери.