„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

“ПОДДРШКА НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР: КАКО ДО КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА?“ – бизнис средба

21.11.2023

Недостигот на работна сила станува сè посериозен проблем со кој се соочува бизнис заедницата. Дуалниот модел на образование, како најефикасен начин на подготовка и обезбезбедување квалификуван кадар, што беше во фокусот на активности на Комората во последните години, веќе ги дава своите резултати, но времетраењето на обезбедување кадар преку овој модел е доста долг. Бизнисот не може да чека и потребни се побрзи решенија во процесот на обезбедување кадар. За таа цел, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките во рамките на Стопанската комора во соработка со УНДП, ја организираше бизнис средбата со компаниите на тема: “Поддршка на приватниот сектор: КАКО ДО КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА?“.

На настанот беа презентирани услугите на Советот кој функционира преку организационите целини во процесот на обезбедување кадар, унапредување на знаењата и вештините на вработените и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд: Центарот за дуално образование чии активности се насочени кон вмрежување на компаниите и стручните училишта за реализација на дуално образование, обуката на ментори во компании и верификацијата на компании за практична обука на ученици, како и учество во подготовка на законска регулатива за системска имплементација на дуалното образование; Центарот за преквалификација и доквалификациja, чии активности се насочени кон анализи за потребите од кадар, изработка на програми за  квалификации врз основа на анализите или на барање на компаниите, обуки за програмите за стекнување на квалификации; Центарот за унапредување на тренингот и обуките, чии активности се насочени кон обуки и работилници за унапредување на трансферзалните/ специфичните  вештини на вработените во компаниите, обуки, семинари и работилници за стручно оспособување и унапредување на знаењата на стручните кадри и промотивни настани, јавни дебати, тркалезни маси и конференциии и Берзата на труд чии активности се насочени кон поврзување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.
Пред присутните компании, беа презентирани мерките од Оперативниот план за вработување на РСМ, финансирани од УНДП: Мерка 3.2 (а) Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите за верификувани програми и Мерка 3.2 (б) Стручни обуки според барање на работодавачите за неверификувани програми, со цел  да се обезбедат обуки на невработени лица за стручни квалификации во тесна соработка со работодавачите и вработување на најмалку 50% од лицата кои учествувале во обуката од страна на работодавачот.
На бизнис средбата беа презентирани и активностите на Советот при Комората за обука на стручен кадар на барање на работодавач преку користење на Мерката 3.2 (а) и вработување на лицата по завршување на нивната обука. Од страна на преставникот на УНДП беше потенцирано дека од воведувањето на овие мерки, уште во 2013 година, Комората била активно вклучена во процесите на преквалификација и доквалификација.  Досега преку Комората се обучени  121 лице кое после обуката е веднаш вработено од страна на работодавачот.
Компаниите беа информирани за дигиталната платформа за советување и менторство која нуди поддршка за подобрување на видливоста на бизнисот преку изработка на маркетинг план, планот за човечки ресурси, планот за производство, изведба на кост-бенефит анализа, план за продажба, планирање и инвестиции, план за инвестиции и сл, како и за мерката 8: Креирање на работни места преку зелени инвестиции која има за цел намалување на невработеноста во земјата преку создавање нови работни места и поттикнување на процесот на зелена трансформација на приватниот сектор со воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата.
На средбата свои обраќања имаа и претставници од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РСМ чии фокус е креирање политики за усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд во дослух со работодавачите и реализација на активности насочени кон подобрување на состојбите на пазарот на труд преку поврзување на формалното и неформалното образование.
На настанот беше презентирано видеото за реализираната обука за Пекари што ја сптоведе Стопанската комора во соработка со работодавачот Депет ДОО, Скопје (Пекарница Пастел), користејќи ја мерката 3.2.(а).