„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од асоцијациите

Пред бизнис заедницата во Кавадарци одржано бесплатно предавање за промоција на бенефитите од медијацијата

08.11.2023

На 08.11.2023 година во Кавадарци, во организацијата на Стопанската комора на Северна Македонија и Националниот совет за медијација со поддршка на Меѓународната финансиска корпорација-ИФЦ, групација на Светска банка, се реализираше уште едно од многуте бесплатни предавања за промоција на бенефитите од медијацијата. Од страна на д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијација при Стопанската комора и национален координатор за медијација, беше подвлечено значењето од користењето на медијацијата, посебно за бизнис заедницата. Во услови кога фирмите можат и самите да си го олеснат работењето, преку  растеретување на своите обврски, помагајќи на тој начин и на судовите со избегнување на долгите судски постапки, медијацијата е една од најефикасните алатки за тоа. Фирмите на тој начин ќе учествуваат во една постапка каде слободно, по сопствена воља и доброволно ќе ги решаваат сите сегашни и/или идни спорови со своите бизнис партнери притоа заштедувајќи пари, време и доверба.

На настанот учество земаа 30-тина учесници кои преку активна дискусија и прашања беа заинтересирани за примена на оваа ефикасна алатка за алтернативно решавање на споровите. Користејќи ја медијацијата компаниите ќе имаат многу пониски трошоци а со склучување на Спогодба во еден деловен однос можат да добијат извршност, односно Спогодбата која ќе ја постигнат во процесот може да има сила на извршна исправа доколку истата ја солемнизираат на нотар.
На предавањето, на сите учесници им беше поделена најновата Брошура за медијација во која е опфатена постапката на медијација во РСМ и во земјите од регионот која како специјално издание беше подготвена од Стопанска комора и испечатена со поддршка од ИФЦ токму за одржаната на 18.10.2023 година Регионална конференција за медијација во организација на Стопанската комора, Националниот совет за медијација и ИФЦ.
На настанот пред учесниците, на темата: “Медијацијата во постапките за решавање на финансиките потешкотии” говореше и Дејан Костовски, правен консултант во проектот на Меѓународна Финансиска Корпорација-„Решавање на долгови и деловен излез во Република Северна Македонија“.
Стопанската комора на Северна Македонија, Националниот совет за медијација и Меѓународната финансиска корпорација-ИФЦ во следниот период продолжуваат заеднчки со уште поголема кампања за промоција на медијацијата во нашата држава.
Стопанската комора  уште еднаш јавно се заблагодарува на ИФЦ за поддршката и партнерството во процесот на афирмација на медијацијата за целиот изминат период.