„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
01.11.2023
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески имаше работна средба со членовите на Фискалниот совет, новоформирано независно тело, кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјата.
На средбата Азески ја нагласи потребата од соработка со Фискалниот совет, кој по својата функција е постојано тело независно од партиското влијание и има обврска да прави проценка на владините фискални политики, планови и перформанси. Истовремено треба да ја прикажува реалноста од економски аспект и очекувањата од фискалната политика во државата.
„Вашата стручност и професионалност се гаранција дека барањата на бизнисот сериозно ќе бидат земени предвид. Фискалниот совет треба да обезбеди реална слика за макроекономската состојба во државата и тука како Комора очекуваме рамноправен третман зашто ние најдобро знаеме со какви предизвици се соочуваат компаниите и инвеститорите. Соработката е исклучително важна кога станува збор за фискалните реформи, стимулации за инвестиции и инфраструктурни проекти. И оваа средба ја сметам за почеток на еден конструктивен дијалог со цел да се подобри економската клима во државата“, истакна Азески.
Претседател на Фискалниот совет Глигор Бишев истакна дека средбата е во рамки на отпочнатото конституирање на Советот и во фаза на екипирање на неговите стручни служби.
„Имајќи предвид дека во фаза е подготовка на буџетот за наредната година, ние почнавме да остваруваме средби како со академската јавност, со институциите како Народна банка, со Министерството за финансии, со ММФ, со Светска банка, за да ги добиеме нивните впечатоци за случувањата во македонската економија, за да се проценат објективноста на претпоставките врз кои би се градел буџетот за 2024 година. Со сите институции со коишто се сретнавме ја имаме поддршката. Најжешките информации доаѓаат од коморите, бидејќи тие се првите, преку компаниите што ги чувствуваат промените како во меѓународното опкружување, така и дома“, рече Бишев.
Потпретседателот на Комората Зоран Јовановски по средбата, за медиумите, изјави дека формирањето на Фискалниот совет е од исклучителна важност, зашто тој е системско решение.
„Од членовите на Фискалниот совет очекуваме независност во оценувањето на фискалните политики. Сметаме дека тоа многу ќе придонесе да се објективизира дискусијата во општеството, кога разговараме за тоа колку се здрави финансиите на државата. Тоа е важно затоа што на тој начин ќе придонесеме сите финансиите на државата да се водат на еден разумен, прудентен и долгорочно одржлив начин. Зошто е тоа важно? Затоа што кога зборуваме за финансиите на државата не зборуваме само за постојните генерации, туку зборуваме за идните генерации’, изјави Јовановски.
Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: (претседател) проф. д-р. Глигор Бишев, по предлог на Народната банка и членовите: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ и д-р Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија.
Фискалниот совет е избран од страна на Собранието. Станува збор за независно тело чија цел е да дава независни стручни мислења за фискалните политики и стратегиските документи и извештаи, како и да го надгледува спроведувањето на фискалните правила, заради обезбедување макроекономска стабилност и фискална одржливост.