„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Работна средба на Советот за странски инвеститори со вицепремиерот Битиќи

17.10.2023

Странските компании во очекување на следните чекори на Владата по нивните барања за унапредување на бизнис климата

Компаниите членки на Советот на странски инвеститори, предводени од претседателот Виктор Мизо, во просториите на компанијата „Амфенол“, во Кочани, одржаа работен состанок со ЗПВРСМ задолжен за економски прашања, координација со економски ресори и инвестиции Фатмир Битиќи придружуван од претставници на надлежни тела и институции. На состанокот беа присутни претставници на повеќе од 30 странски компании членови на Советот при Стопанската комора на Северна Македонија, кои се директно засегнати од актуелните економски прашања и владините политики. Предмет на дискусија на состанокот беше брифинг од страна на Владата во однос на барањата и препораките разгледувани на претходниот состанок од јуни годинава. 
На средбата беше изразена реакција од странските компании поради пролонгирањето и побараа поголема ажурност од надлежните ресори по предложените решенија, а кои се однесуваат генерално на подобрување на бизнис климата во државата. Исто така, се дискутираше и за актуелните економски состојби во државата како и неодамна донесениот Закон за данок на солидареност за кој Стопанаската комора веќе покрена иницијатива за оценување на неговата уставност.
Зборувајќи за унифицираноста на политиките за финансиска поддршка на нови инвестиции, вицепремиерот Битиќи пред претставниците на странските инвеститори најави нивно дополнително зацврстување преку измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во насока на гарантирање на целосна исплата на државната помош.
Претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на КОСТАЛ Македонија, Виктор Мизо ја нагласи важноста на Советот да биде активно вклучен во креирањето и следењето на економските политики во државата, што ќе придонесе до предлагање и воведување на нови креативни политики, и соодветно, навремено и оптимално планирање на деловните одлуки на странските инвеститори во земјата.
На состанокот повторно беа потенцирани барањата на странските компании за конзистентно постапување од страна на институциите заради унапредување на деловната клима и олеснување на работењето преку прашањата поврзани со даночната регулатива, намалување на трошоците и подобрување на инфраструктурата во ТИР зоните, усогласување на царинските стапки со оние во ЕУ за дополнителни тарифни броеви на увоз, олеснување на постапката за ангажирање на странски рабитници, финансиската поддршка на инвестициите од страна на државата и можноста за допрецизирање на определени законски и подзаконски решенија во оваа област, превод на меѓународните стандарди за сметководство и финансиско известување и др. Очекувањата на компаниите се дека дел од овие прашања ќе бидат решени до оддржувањето на следниот состанок кој беше договорен со вицепремиерот.
 
На состанокот се одлучи да се формира заедничка работна група за подготовка и усогласување на законските решенија за технолошките индустриски развојни зони и за индистриските - зелени зони.
Целосното и брзо постапување по овие барања ќе допринесат за подобрување на условите за водење бизнис во државата, со што би придонеле за подобро работење на постојните странски и домашни инвеститори, реинвестиции од нивна страна, но и за привлекување на нови инвеститори. Натамошното одложување ќе значи индиректно намалување на конкурентноста, стагнација и негативени ефекти по растот на економијата.