„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР ВО ФОКУС НА ДЕЛОВНИТЕ ПАРТНЕРСТВА МЕЃУ АВСТРИСКИТЕ И МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

12.10.2023

Стопанските комори на Македонија и на Австрија, организираа втор по ред Бизнис Форум оваа година, со цел интензивирање на деловната соработка меѓу македонските и австриските компании од двете земји (12.10.2023 година).

  • Повторно ја имаме можноста за присуство на помала бизнис-делегација од Австрија, со истакнати австриски стопанственици од енергетскиот сектор, со цел да остварат директни средби со македонските компании. Австрија е наш долгогодишен и докажан партнер во економската соработка, особено во делот за јакнење на капацитетите на домашните компании, а и во делот за подобар пристап на македонските компании на австрискиот пазар, како и на другите европски пазари, затоа што географски ни се доста блиски за соработка, - истакна Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Стопанската комора на Северна Македонија.
  • Со особено задоволство сме денес тука во Стопанската комора, заедно со австриската бизнис-делегација со можност да ги интензивираме бизнис релациите на компаниите од двете земји. Република Австрија е еден од поголемите инвеститори во Северна Македонија, и гледа реални можности за проширување на соработката и инвестициите, особено во енергетскиот сектор – посочи  Јута Валтер, трговско аташе на Австрија за Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
Како дел од австриската делегација присутни беа 4 австриски компании од областа на енергетскиот сектор, производители на електромоторни вентили потребни за електрани за гас и пареа, за биомаса, хидроцентрали, нуклеарни централи, компанија кои се занимава со управување со проекти, од областа за намалување на емисиите на азотни оксиди за инженерство и дизајн, кои остварија деловни средби со македонските компании, и тоа со ЕСМ подружница енергетика, ЕСМ производство на топлинска енергија, друштво за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје,  производство на електрична енергија АД ЕСМ-СКОПЈЕ, Подружница РЕК Осломеј, Цементарница Усје, Макстил, Брако,  и други компании.

Република Австрија е 20-ти трговски партнер на Република Северна Македонија за 2023 година. Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Австрија во периодот јануари – јули 2023 година изнесува 164,3 милиони САД $, што претставува раст од 14,58 % во однос на истиот период од минатата година. При тоа, остварен е раст од 10,23 % во извозот што изнесува 57,4 милиони САД $, и увозното салдо бележи раст од 17,06% и изнесува 106,8 милиони САД $.
Австрија е втор најголем инвеститор во Република Северна Македонија, земајќи ги предвид податоците од Централниот регистар на РС Македонија за последните пет години, при што Австрија во 2022 година има остварено најмногу инвестиции во земјава во износ од 146,66 милиони евра.
Најзначајни австриски инвестиции во Република Северна Македонија се инвестициите во електроенергетскиот сектор (ЕВН Македонија), банкарскиот и финансискиот сектор (Шпаркасе банка), телекомуникацискиот сектор (А1 Македонија), во градежништвото (Соравија груп) итн.
По завршувањето на официјалниот протоколарен дел се остварија и деловните средби меѓу македонските и австриските компании.