„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Порака од претседателот

ЗБОГУМ НА ОПШТОТО ДОБРЕДОЈДЕ ЗА ПОЕДИНЕЧНОТО

27.05.2020

Комора на иднината кон која се стремиме подразбира прост и едноставен механизам во функција на беспрекорен сервис на компаниите за кои постоиме

Во некое од сатиричните списанија, на тогашна Југославија, кога на почетокот на 80-тите години почнаа првите рестрикции на струја, на насловната страна имаше коментар од типот „од овие лејки дојдовме во петролејки“, мислејќи на тогашните елити кои доведоа до тоа да има рестрикции во снабдувањето со електрична енергија. Секогаш кога ќе се сетам на ова, зборот „петролејки“, ми се претвора во петтолетки којшто во стручната јавност има негативна конотација бидејќи потекнува од времето на тврдиот социјализам на Советскиот Сојуз. Но нашите петтолетки (петгодишни мандати) секогаш имаат своја суштина. Во првата се стабилизиравме после тешките удари со воведувањето на плурализмот на коморскиот систем и доброволното членство. Во втората екипирани изградивме „проект за нов економски развој“. Во третата петтолетка со директно учество во власта направивме свртување спрема реалниот сектор, индустријата и извозот. А во наредната, во која ќе ја прославиме 100-годишнината од постоењето, планираме да создадеме Комора на иднината која ќе има 100 отсто редизајнирана позиција.

Стопанска комора на Македонија

Economic Chamber of Macedonia
Тој процес започна пред една година, со сериозна расправа за нашата иднина, па продолжи со расправата за нашиот основен документ Статутот, со утврдување на приоритетите и конституирањето на Собранието како највисок орган, а деновиве завршува со изборот на Управниот одбор и потпретседателите. Низ тој сложен процес поминавме во услови на борба против здравствено економската криза, која ни донесе нови искуства и ги верифицира нашите нови решенија. Потребно е целосно свртување кон компаниите и нивните потреби како основен таргет, кој треба да се оствари со помош на неколку цели.
Прво, посветеноста на компаниите мора да биде изразена во постојана потрага кон нови партнери и нови пазари.
Второ, компаниите од нас очекуваат поддршка во нивните проектни активности и проблемите со кои се среќаваат при царинските и даночните регулативи.
Трето, врската помеѓу образованието и бизнисот мора да стане наша основна цел, затоа што ако не беше сегашнава криза, доминантен проблем на нашите компании ќе беше токму недостигот на квалификуван кадар.
Значи, што научивме од досега? Целосна посветеност спрема компаниите, а не спрема институциите. Едноставност во изразувањето на целите и активностите. И трето, упорност. За таа цел, ги повикувам сите учесници во процесот на активностите на Стопанската комора на Македонија да ги прифатат овие три принципи и да не се срамат од нивната едноставност, затоа што тоа е формулата за градење на Комора на иднината. Доколку во тој процес некој повторно „филозофира“, системот сигурно ќе го исфрли. Комората постои за компаниите и таа за да биде вистински сервис мора да биде кај нив, да ги знае нивните проблеми и во секој момент да знае да лоцира каде и како тие може да се решат. На таков начин, ќе имаме нераскинливи партнерски односи на задоволство на двете страни.
Од сега па натаму, кога одиме по патот да ги претставуваме најголемите компании од индустријата и извозот, нема да е значајна ниту нивната бројност, ниту нивната големина, ниту нивната локација. Значаен ќе е само беспрекорниот сервис за поддршка на нивното вмрежување, нивното едуцирање за проектните активности, даночната и царинската регулатива и изградба на образовен систем за нивните потреби.
П.С. 1 - Она што недостасуваше во изминатиот период беше и прашањето за искористување на кадровскиот потенцијал на компаниите. Тој потенцијал мора да биде ставен во функција на развојот на државата на едноставен и прост начин, со искористување на нивите знаења и искуства во конципирањето на економските политики.
П.С 2 - Никогаш не е добро да се „плука по минатото“. Но гледано од денешен аспект, да одржиш институција во која заедно ќе бидат и големите и малите, и увозниците и извозниците, и трговците и производителите, и банкарите и индустријалците, и странските и домашните компании е ѓаволски тешка работа. Затоа, ова поедноставување ќе значи елиминирање на општото и концентрирање кон поединечното, со единствена цел да се зголеми конкурентноста и профитот на компаниите, што е и крајна цел на нивното и нашето постоење.