„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

БИЗНИСОТ БАРА ИЗВОЗОТ ДА БИДЕ СТРАТЕГИСКИ ПОДРЖАН ЗА ДА ИМА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА

13.09.2023

Презентирани можностите за извони компании преку проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД

Пред извозните компании од Полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Маврово и Ростуше) Стопанската комора на Северна Македонија ги презентираа можностите за поддршка кои Комората преку проектот: „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, во партнерство со Американската агенција за меѓународен развој, ги нуди на извозните компании.
Во рамки на настанот, професорот Дарко Лазаров, главен експерт ги презентираше финалните резултати од анализата за идентификување на извозните потенцијали и можности на македонската економија што е изработена во рамки на проектот. Тој укажа дека анализата ќе им помогне на македонските извозни компании во нивните напори за зголемување на извозот на веќе постоечките извозни производи на сегашните извозни пазари, но и во напорите за проширување на извозната активност со освојување на нови извозни пазари. Професорот Лазаров ја претстави анализата на 15 селектирани извозни производи од Полошкиот регион и додаде дека преку анализата ќе се обезбедат корисни информации на македонските компании и за можностите кои им стојат на располагање за отпочнување на производство и извоз на нови производи за кои имаат потенцијални компаративни предности.
Пред присутните компании беа најавени и четирите повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети кои се веќе објавени на Коморскиот веб сајт на следниот линк: Отворени повици наменети за извозни компании.
Повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите; дигитална трансформација; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија; техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.
Компаниите од Полошкиот регион пројавија особен интерес за актуелните  повици и со своите предлози развија дискусија за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат при настап на странски пазари, теми кои ќе бидат основа за презентирање во рамки на јавно-приватниот дијалог кој ќе се развива преку Националниот совет за извоз, кој Стопанската комора на Северна Македонија го формираше во периодот од првата проектна година, како советодавно тело за поддршка и промоција на домашните извозни компании со цел зголемување на конкурентноста и градење на системски пристап на регионалните и меѓународните пазари.
Проектот кој се имплементира три години е на прагот на својата втора година од реализација на зацртаните активности, а досега е спроведено и успешно завршено следното:
  • Поддржани 5 компании со изработени апликации за пристап до финансии за 2 компании веќе се обезбедени грантови во износ над 150.000 евра;
  • Поддржани 3 компании во поттикнување на дигитална трансформација;
  • Поддржани 4 компании во подготовка за имплементирање на меѓународни стандарди;
  • Поддржани 5 компании во подготовка на Стратегии за извозни пазари;
  • Учество на 9 компании на 2 меѓународни саемски манифестации во Италија и Словенија и
  • Деловни средби помеѓу повеќе од 80 компании од регионот на Западен Балкан
  • Испорачани се Анализа за извозните потенцијали и во тек е изработката на Студија за мапирање на регионалниот трговски и инвестициски потенцијал и кои се основа за реализација и на други активности  до крајот на проектот.

Генерална цел на проектот е да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна, како и зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност.