„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

НОВ ФЕНОМЕН ВО ПРЕХРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА СЕ ШИРИ МЕЃУ ЗАПАДНИТЕ ЗЕМЈИ

13.09.2023

Високи трошоци за енергија, за суровини, за плати за вработените, за прекинатите синџири на снабдување – потрошувачите забележуваат дека компаниите ги префрлаат овие трошоци на нивни грб, особено во супермаркетите и на бензинските пумпи. Но, во многу случаи не само што се зголемија цените туку и пакувањата се сѐ помали. Центарот за советување потрошувачи во Хамбург го прогласи маргаринот „Рама“, произведен од Upfield, за измама на 2022 година. Содржината во неговата амбалажа е намалена од 500 на 400 грама, а цената останала иста: 2,19 евра. Така, цената на маргаринот практично се зголемила за 25 отсто. Овој феномен стана познат како shrinkflation (смалување).

Но сега трпи и квалитетот на производите. Инфлацијата повеќе не е на рекордно високо ниво, но во супермаркетите се појавува нов тренд: skimpflation (штедење). Така, производителите не само што ги зголемуваат цените туку и го намалуваат квалитетот на производите. Феноменот сѐ повеќе се шири и во Велика Британија и во Германија, Така, на пример, по почетокот на војната во Украина во 2022 година, производителите на помфрит го замениле сончогледовото масло со палмино бидејќи сончогледовото масло повеќе не беше достапно. Она што беше наметнато како итна мерка сега делумно стана воспоставена појава. Иако сончогледовото масло е одамна повторно достапно во доволни количини, мал број на производители се вратија на поквалитетен производ. Притоа, не се наведени промените во состојките. Особено е неприфатливо што некои производители не посочија промени во состојките на пакувањето. Нутритивните вредности повеќе не одговараат на оригиналните податоци. Освен тоа, палминото масло е понездраво од сончогледовото поради поголемата содржина на заситени масни киселини. Наместо листата на состојки, производителите, едноставно, мораа да ја наведат белешката „содржи палмино масло наместо сончогледово масло“ на полето предвидено за внесување на рокот на употреба. Сепак, ова остана незабележано од многу потрошувачи.
Понизок квалитет по повисока цена (skimpflation ) често се јавува кај прехранбените производи. На листата на прехранбени производи со послаб квалитет, а со повисока цена се и чоколадите што се продаваат во популарниот синџир „Алди“. Чоколадото со висок процент на какао сега содржи само 38 проценти, додека, пак, порано содржеше 45 проценти. Се намалува количината и на другите состојки, како на пример марципан од ф’стаци и нугат, додека, пак, во исто време цените бележат благо зголемување.