ВМРО-ДПМНЕ ЈА ПОТПИША ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА
21.08.2023
ВМРО-ДПМНЕ е првата парламентарна политичка партија што ја потпиша Декларацијата на Стопанската комора за општествен консензус и за економски реформи, политики и мерки. Декларацијата, позната како Рамковен договор за десетгодишен приоритет на економијата, веќе е потпишана од над 300 најзначајни наши компании, МАНУ, сите државни универзитети, сите бизнис асоцијации. Таа е водич за успешна и одржлива економска реформа.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги повика сите парламентарни политички партии да ја потпишат Декларацијата на Стопанската комора од 14 јули 2022 година, бидејќи смета дека на тој начин сите релевантни општествени чинители би се согласиле дека во наредните 10 години приоритет ќе има економијата.
„Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминација на партиските над државните интереси. Време е да ги обединиме нашите сили и да работиме заедно, било како компании, универзитети, академска заедница или политички партии, за да го оствариме нашиот заеднички потенцијал. Во наредните 10 години приоритет да и се даде на економијата “, вели Азески.
Како резултат на Декларацијата ќе произлезе и договор за регулирање на меѓусебните односи на јавниот и на приватниот сектор, кој ќе претставува гаранција за спроведување на Декларацијата. Во договорот ќе има прецизно наведени носители, временски рокови и останати алатки потребни за неговото спроведување.