„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПРАКТИЧНАТА ОБУКА - СУШТИНА НА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

27.01.2023

„Практичната обука е суштина на стручното образование во создавањето кадар за потребите на бизнис заедницата и тоа не е индивидуална работа, туку процес во кој мора да бидат вклучени сите за да се постигне целта“, истакна д-р Татјана Штерјова Душковска, генарален секретар на  Коморскиот инвестициски форум за шестте земји од Западен Балкан на дводневната регионална работилница на Техничкиот советодавен комитет во рамките на Коморскиот инвестициски форум, која се одржа во хотелот „Холидеј ИН“ во Скопје, на 25 и 26 јануари во организација на Коморскиот инвестициски форум, Регионалниот фонд за предизвици и Германската развојна банка (KFW).

„Со зголемување на бројот на компании во конзорциумите на повиците за доделување на грантот се смени парадигмата за инертноста на компаниите, па тие почнаа да се препознаваат дека се вклучени во процесот на создавање кадар“, потенцираше д-р Штерјова Душковска.

На работилницата беа презентирани резултатите од првата фаза на вториот регионален повик за доделување на грантот од 150.000 до 600.000 евра, средства одобрени од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој, а кои се исплаќаат преку Германската развојна банка, за конзорциуми од едно стручно училиште и најмалку две компании како поттик за зајакнување на квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука.

Добиените средства од грантот, конзорциумите од регионот од шестте земји на Западен Балкан, ќе ги искористат за снабдување со машини и опрема за реализација на образовните програми за одредени квалификациии; за изградба и реновирање на работилници и лаборатории; за обуки за професионален развој на наставниците и менторите во компаниите, како и за снабдување на средства за обука со што ќе се зајакне практичниот аспект на обуката. За разлика од првиот повик на кој учествуваа претежно големи компании, во вториот повик учество зедоа мали и средни компании на регионално и на национално ниво што е позитивен показател за свесноста на компаниите сами да учествуваат во создавањето на својот кадар.

На првиот повик, во нашата земја, грантот го добија 8 конзорциуми и тоа: 7 стручни училишта, 1 факултет и 29 компании, додека на вториот повик добитници на грантот се: 3 училишта за стручно образование и обука, 1 мешано училиште (гимназиско и стручно), 2 факултета и 37 претпријатија.

Свое обраќање на работилницата имаа и Викторија Веидт од Германската развојна банка (KFW) и Лусиен Егертер, Заменик шеф на мисија, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија. Во поддршката на зајакнување на квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука, заедно со Германската развојната банка, со финансирање преку Регионалниот фонд за предизвици, се вклучи и Владата на Швајцарија преку Швајцарска ангенција за развој и соработка.  

Покрај претставници од Регионалниот фонд за предизвици, како и членови од Техничкиот советодавен комитет од шесте земји на Западен Балкан (комори и образовни институции) и од Германската развојна банка, на работилницата присуствуваа и претставници од регионални организации и проекти кои даваат поддршка за истата цел - зајакнување на квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука: Секретаријатот за иницијативи за образовни реформи во Југоисточна Европа (ЕРИСЕЕ), „Хелветас“ од Швајцарија, Австриската агенција за развој (ОЕАД), ГИЗ од Австрија, УСАИД и Свис Контакт.


Главните теми на кои се работеше на работилницата беа:

1.     мотивирање на компаниите да учествуваат во реализација на практичната обука;

2.    градење на капацитетите на установите за стручно образование и обука за подготовка, имплементација и набљудување на практичната обука;

3.     привлекување учениците да се запишуваат во стручните училишта;

4.     поддршка на учениците во кариернииот развој;

5.     дигитализација во стручното образование и обука.