Нашата цел како Совет на странски инвеститори и компании со странски капитал кои се присутни и работат тука, е да помагаме во подобрување на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Тоа значи подобрување на условите за работа со кои ние како компании се соочуваме, без разлика дали станува збор за домашни или за странски компании, за сите стопанственици кои работат и дејствуваат во државата, истакна во интервју за порталот Локално, претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора и директор на „Костал“, Виктор Мизо.
Во интервјуто тој зборува и за приоритетните активности на новото раководство кои се поврзани со подобрување на инвестициската и деловната клима во земјата врз основа на континуирано следење на економските состојби.
Прашање: Како една од приоритетните активности на новото раководство беа споменати мерки за подобрување на инвестициската и деловната клима во земјата врз основа на континуирано следење на економските состојби. Во која насока би биле овие чекори и дали некои од нив во изминатиот период и беа предложени на Владата?
-На крајот од јуни, како Управен одбор на Советот на странски инвеститори имавме средба со Вицепремиерот Битиќи. Изложивме неколку наши идеи и забелешки, предложивме конкретни активности кои бараат дури и законски решенија, претпоставувајќи дека идната пролет ќе биде изборна. Сакавме да направиме приоритетен тајминг за да предложеното биде адресирано ефикасно до крајот на годината знаејќи дека во секоепредизборие можноста за законски измени и реформи е лимитирана па и невозможна.
Како прва тема на која разговаравме, беше да добиеме информација за иницијативата за ОЕЦД за глобален минимален корпоративен данок од 15%, како и кога тоа ќе се воведе во Македонија? Некои земји во ЕУ веќе размислуваат тоа да почне во Јануари, 2024 и затоа ние сакавме навремено да сме информирани за тоа кои компании и на кој начин ќе бидат опфатени, бидејки сега данокот е 10%.
Второ, баравме да се направи унификација на документите врзани со оправдани инвестициски трошоци меѓу давателите на државна помош заедно со усогласување и воведување на најнови сметководствени (IFRS) стандарди, по кои ние како компании треба да работиме меѓународно. Овие стандарди во Македонија сѐ уште не се воведени во пракса, така што за потребите на домашното законодавство работиме по стандарди од 2009 година.
Трето, усогласување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, во делот нависината на помошта за креирање на работни места преку индексирањесо растот на минималната плата како и минималниот праг за вредност на инвестиции.
Четврто, дополнително хармонизирање на домашните царински тарифници со оние во ЕУ. Пред минатата година имавме усогласување на 258 стапки, но има и компании со поширока палета, па зголемените стапки за нив значат проширена конкурентност. Ова не се однесува само за домашните или само за странските компании, туку буквално за сите производители кои настојуваат да држат чекор со исклучително високата конкурентност на глобалниот пазар, и ова усогласување на царинските стапки ќе помогне во тоа.
Петто, бараме Советот на странски инвеститори да биде активно вклучен во консултациите за промена на законската регулатива,особено онаа која е директно поврзана со економски активности. Не да се чека текстот да помине на Влада, па на ЕНЕР да се коментира, туку и ние активно да се вклучиме со наши забелешки и предлози во почетната фаза од процесот. Бидејќи мултинациналните компании имаат свои испостави и работат во различни јурисдикции низ светот, зошто да не предложиме законско решение кое како компании сме го сретнале некаде кое не е спротивно на правилата и прописите на ЕУ за да може да се имплементира? Зошто да не се искористат тоа знаење и искуство?
Шесто, структурни реформи во формалното образование, не само во средно стручно туку и на техничките факултети каде квалитетот и квантитетот на идните кадри би се креирал според потребите на прогресивниот бизнис сектор. Затоа, предлагаме наместо индивидуален пристап од компаниите за обезбедување стручен кадар, да се најде модус и да се направи заеднички план на ниво на држава како да се подигнат стандардите на образовниот систем за формирање едуциран кадар според потребите на бизнисот.
Овие шест теми ги предочивме и веќе имаме договорен состанок во Септември.Во меѓувреме очекуваме дека веќе се работи на некои од овие решенија, и се надеваме дека поголем дел од предлозите ќе може да се заврши во текот на оваа календарска година.
Целото интервју на Мизо може да го прочитате
ТУКА