„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ПЕТТА ГЕНЕРАЦИЈА НА УЧЕНИЦИ КОИ РЕАЛИЗИРААТ ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО „ДРЕКСЛМАJЕР МАКЕДОНИЈА“ СПОРЕД ДУАЛНИОТ МОДЕЛ НА ОБРАЗОВАНИЕ

26.07.2023

Доделени сертификати од компанијата за успешно завршена практична настава и учење преку работа и склучени договори за вработување

Околу триесетина ученици успешно ја реализираа практичната настава и учењето преку работа во рамките на дуалното стручно образование во компанијата „Дрекслмаjер Македонија“ и се стекнаа со квалификацијата Техничар за индустриска мехатроника.
Од самата компанија  добија сертификат за Техничар за индустриска мехатроника и можност, дел од нив да се приклучат на големото Дрекслмаjер семејство, додека еден дел од нив, оспособени со стручни знаења и вештини, да го продолжат своето образование на некој од техничките факултети.  
Компанијата „Дрекслмајер Македонија“ ја испиша и успешната приказна дека нема машки и женски професии, туку секој ученик може работи според своите желби и можности.
„Дрекслмаjер Македонија„ со поддршка за младите луѓе
Дрекслмаjер како семејна компанија дава исклучителен придонес во образованието на младите луѓе и им овозможува идни перспективи преку високи, униформни стандарди за обука. На настанот, во организација на компанијата, за доделување на сертификатите на учениците кои реализираа учење преку работа во самата компанија, генералниот менаџер на „Дрекслмајер Македонија“, Лукас Мирингер посочил дека како компанија, која е ориентирана кон иднината и иновациите, имаат за цел да ги поттикнат младите луѓе да учат, но и да истражуваат. За време на практичната настава и учењето преку работа, учениците имаат слобода да го развиваат својот карактер во креативна средина, а најдобрите од нив, добиваат договори за вработување во компанијата, така што директно ќе се вклучат во работниот процес каде ќе имаат можност да ги усовршуваат и да ги прошируваат стекнатите знаења. На настанот покрај учениците присуствувале и дел од родителите.
Среќни ученици, горди родители
Учениците среќни и задоволни со цврсти чекори продолжуваат да се движат кон својата професионална иднина. Димитар Митревски, еден од завршените ученици истакнал дека  благодарение на компанијата „Дрекслмајер Македонија“ добил соодветно стручно образование во делот на техничките области. Според него, покрај теоретската настава, во компанијата, учениците постојано се активни преку изработка на најразлични проекти, а во завршните години се запознаваат и со производствениот процес под водство на искусни ментори. Со овој вид на образование, учениците се подготвени да конкурираат на пазарот на трудот во соодветната индустрија.
Родителите се особено горди на своите деца заради постигнатите резултати. Според Елица Ристова, родител на еден од учениците кои реализираа практична настава во компанијата, „Дрекслмајер Македонија“ повеќе од 10 години е присутна во Кавадарци што зборува за стабилноста на компанијата. Посебно е задоволна што на нејзиното дете му е понуден договор за вработување и што станал дел од компанија со сигурна и перспективна иднина.
Дрекслмајер Македонија е лидер во нашата земја во спроведувањето на моделот на дуално образование. Секоја година компанијата создава подготвени кадри кои се барани на пазарот на трудот и со чија поддршка ќе ја обликува мобилноста на иднината.