„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

НАЈДОБРИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ – ИДЕН КОМПЕТЕНТЕН КАДАР ЗА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА

14.07.2023

Еден златен, еден сребрен и два бронзени медали за македонските средношколци на Интернационалната математичка олимпијада во Јапонија

Денес, сѐ почесто зборуваме за грешките во образованието, но ако се насочиме кон развивање на талентот и вештините на учениците, наместо да бидеме заглавени во стапицата на просто меморирање на бројки и  факти, успехот е неизбежен. Колку  ваквиот пристап е корисен, покажаа и резултатите што ги освоија македонските средношколци, учесници на 64-тиот, по ред, најпрестижен математички натпревар за ученици од средните училишта - Интернационалната математичка олимпијада (ИМО 2023).
На олимпијадата, која годинава се одржа од 2 до 13 јули во Чиба, Јапонија, средношколецот Дамјан Давков го освои златниот медал,  Алексиј Тасиќ – сребрениот, Никола Цветановски и Никола Спировски – бронзениот  медал,  додека  средношколците Јан Стојановски и Бранко Јангеловски освоија пофалници.
Резултатите на оваа олимпијада беа надоградување на резултатите од 27-мата Јуниорска балканска математичка олимпијада, која се одржа во јуни, во Тирана, и на 40-тата Балканска математичка олимпијада, која се одржа во мај, во Турција. 
27-ма Јуниорска балканска математичка олимпијада 2023, Тирана
На 27-мата Јуниорска балканска математичка олимпијада,  Дамјан Давков освои златен медал, а нашата земја  беше единствената земја што освои златен медал со максимален број на поени. Покрај златниот медалИвано Божиновски освои сребрен медал, а Андрија Младеновиќ, бронзен медал, додека на 40-тата Балканска математичка олимпијада, златниот медал го освои Никола Спировски, сребрениот Дамјан Давков, а бронзените - Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски.
ПС. Ова не се единствени примери за успех на нашите средношколци, а освоените резултати на вакви меѓународни натпревари треба да бидат водич на креаторите на образовните политики, како и на професорите, фокусот во образовниот процес да го ставаат на развивање на можностите и талентот на секој ученик индивидуално, како и на вештините за критичко размислување и креативно решавање на проблеми и инклузивност на стекнатите знаења во нивната применливост во секојдневниот живот. Простото меморирање на податоци и факти како што беше случај досега треба да се остави во минатото. Најзначаен фактор за тоа, е изборот на долгорочни образовни политики, базирани на квалитетни методолошки анализи и квалитетни човечки капацитети за реализација и имплементација на таквите политики.