Тргнувајќи од бројките кои ја прикажуваат реалната состојба за уписите во средното образование, очигледно е, дека даваат резултат напорите што ги прави Стопанската комора сите овие години во процесот на афирмирање и имплементирање на дуалното образование и истакнување на потребата од зголемување на бројот на ученици кои завршуваат стручно образование со можност за нивно вработување.
Како факт, од вкупно 15.481 запишани ученици во учебната 2023/2024 година, 10.277 ученици или 66,4 % се запишани во средното стручно образование, додека 4.603 ученици или 29,7% се запишани во гимназиско образование. Мал процент околу 3,8% отпаѓа на ученици запишани во уметничкото образование и спортската гимназија.
Исто така, афирмацијата на дуалното образование како инвестиција во реалниот сектор и можност компаниите да учествуваат во креирање на потребниот кадар, што е особено важно за економскиот развој на една земја, покажа дека образовните институции почнаа да соработуваат со бизнис секторот за креирање функционално и пазарно-ориентирано стручно образование и разбивање на стигмата дека во стручното образование се запишуваат само слаби ученници.
Целото интервју од гостувањето м-р Наташа Јаневска, проектен менаџер во стручната служба на Стопанската комора и претседател на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, можете да го погледнете на видеото во текстот.