„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЦЕЛОСНО ДА СЕ СТОПИРА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА СОЛИДАРНОСТ

06.07.2023

Комората ја поздравува одлуката со која се повлече законот од Собранието, но бара целосно стопирање на постапката на донесување

Бизнис заедницата сака систем и предвидливост, а не ад хок решенија со кои се создава неизвесна деловна клима и се дестимулираат компаниите за инвестициски активности, беше констатирано на прес конференција на која претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев уште еднаш укажаа на потребата за целосно стопирање на постапката за носење на предлог-законот за данок на солидарност. На оваа тема Стопанската комора преку највисоките тела и форми на делување реагира веќе подолг период и укажува дека вакво законско решение има неколку кратно негативно влијание за бизнис климата.
Прво, се создава селективен пристап затоа што се опфатени само поголемите компании кои остваруваат приход поголем од 615.000.000 денари, второ, се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали истата е резултат на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл., трето, влијае дестимулирачки на успешните компании, кои се инвестициски ориентираниодносно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години.
Во таа насока претседателот Азески уште еднаш укажа на потребата од потпишување на Декларацијата што Комората ја донесе минатата година и зад која стојат МАНУ, универзитетите во земјава, Организацијата на работодавачи, Делегацијата на германското стопанство и Занаетчиската комора. Тоа, нагласи, ќе значи национален консензус околу клучните прашања и гаранција за спроведување долгорочни економски политики, односно „враќање од партиската кон државната агенда“.
Мора да престане практиката на носење закони по брза постапка. Имаме 250 странски инвеститори и 15 000 наши членки кои бараат систем и предвидливост. За бизнисот тоа е клучно. Никој не е против да плаќа даноци, но не може преку ноќ да се менуваат правилата. Тоа што ќе се договори, треба и да се имплементира, рече Азески.
Според него, излезното решение е во потпишувањето на Декларацијата, во склучување договор меѓу државниот и приватниот сектор со кој би се регулирале меѓусебните односи. Тоа може да се направи во наредните недели и месеци. Од наша страна се е кажано, но имаме сериозен проблем со имплементацијата. Мора да научиме да почитуваме принципи, а не да ги менуваме со секоја промена на власт. Не можам да речам дека институциите не не сослушале, но работата е во имплементацијата, да се спроведат постапките за да се дојде до решенија најдобри и за бизнисот и за граѓаните, подвлече претседателот на Комората.
Потпретседателот Јовановски, посочи дека од клучно значење за бизнисот е постоење даноен календар на кој Комората инсистира повеќе години. Даночниот календар значи дека заклучно со 30 јуни тековната година, државата ќе му соопшти на бизнис што е она што се менува или се воведува ново во сферата на даноците или други давачки, а ќе важи од 1 јануари. Така, бизнис секторот ќе има можност во текот на втората половина од годината, кога ги прави своите финансиски планови за наредната година, да ги вгради ефектите кои ќе произлезат од новите законски или подзаконски решенија, објасни Јовановски.
Често досега, рече, нови законски решенија се предлагаат во ноември, декември, на веќе донесени финансиски планови, што предизвикува голема нерамнотежа во неработењето на компаниите. Сега сме веќе јули, па какво било ставање на вакво решение како Предлог-законот за данок на солидарност, оди директно во спротивност со Даночниот календар, истакна Јовановски.
Извршниот директор на Комората, Пешев предочи дека не може во сопствената држава да биде казнет оној што во изминатиот период бил успешен зашто се наметнал на новите пазари и остварил екстра добивка. Секогаш кога се носи закон со социјална димензија и во кој селективно се собираат приходите од најуспешните, тогаш мора да се има и програма како ќе биде распределен. Солидарноста се однесува на компаниите ако тие навистина ја злоупотребиле својата монополска позиција на пазарот и создале екстра профит на штета на граѓаните, но тука за тоа не станува збор. Дополнително, значен дел од фирмите кои ќе бидат засегнати се од категоријата компании со странски инвеститори за кои ова е неразбирливо зашто апсолутно не било ниту предвидено, ниту најавено, туку ретроактивно им се зема дел од добивката што драматично ќе делува на нивната глобална позиција и на пазарите каде котираат. На тој начин не смееме да продолжиме.