Во организација на Меѓународниот центар за трговија, Светската трговска организација, Центарот за претприемништво на меѓународната стопанска комора и Светската организација за заштита на интелектуална сопственост, на 20 јуни 2023 година во Женева, Швајцарија се одржа конференција на тема: “Идна генерација на алатки и програми наменети за коморите, МСП-а и претприемачи”.
Воведно обраќање на конференцијата покрај претседателката на Меѓународната стопанска комора, Мариа Фернанда Гарза, имаа и заменик претседателот на Светската коморска федерација, Тод Летс и амбасадорот на постојаната мисија во Организацијата на обединетите нации и други меѓународни организации во Женева, Матру Вилсон.
Во рамки на конференцијата беа презентирани најновите дигитални алатки и програми за поддршка на компаниите на глобално ниво, особено алатки и програми за извозно ориентирани компании. На настанот присуствуваа претставници од повеќе стопански комори ширум светот, бизнис организации и други институции и претставници на бизнис секторот.
Како претставник од Стопанската комора на Северна Македонија беше претседателот на Клубот на извозници, проф. д-р Дарко Лазаров, кој во рамки на настанот оствари и повеќе средби со претставници од релевантни меѓународни институции и бизнис асоцијации.
Стопанската комора на Северна Македонија во градење на концептот Комора на иднината веќе започна со имплементирање на дел од овие модерни алатки кои беа презентирани на конференцијата во Женева со цел обезбедување на конкретна поддршка за домашните компании во нивните напори за зголемување на извозните активности. Воедно, во наредниот период Комората активно ќе работи на креирање на нови дополнителни програми за компаниите преку користење на современа методологија и соработка со реномирани меѓународни институции и бизнис асоцијации.