„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
13.06.2023
Активно вклучување на науката во градење на поголема конкурентност на македонските компании со цел подобро позиционирање на странските пазари и создавање на кадар кој му е потребен на бизнисот, беа главните теми во фокусот на разговорите на средбата помеѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип (УГД), проф. д-р Дејан Мираковски. Азески, кој на Универзитетот дојде заедно со извршниот директор на Комората Антони Пешев и група на извозни компании најпрво го посетија научно – истражувачкиот центар во Кампус 2 на УГД, каде имаа средба и со дел од деканите на природно-техничките факултети.
„После дефинирањето на целите и методологијата на нашата работа во понатамошниот период, првата посета ја правиме токму на УГД во Штип. Со тоа ставаме симболично значење дека двата клучни приоритети на Комората во наредните 10 години, а тоа се извозот и развој на образованието за потребите на бизнисот, ќе бидат третирани професионално и со највисоко ниво, така што ќе придонесат за развој не само на нашите институции, туку и за развоја на државата. Можам да кажам дека кај ректорот наидовме на големо разбирање за нашите позиции. Наидовме на големо разбирање за фактите и бројките кои ќе бидат водич во иднина. Ние не сме сами за себе доволни и предлагаме зголемување на соработката најнапред меѓу бизнисот и високото образование. Минатите години работевме на развој на дуаленото образование, а сега ќе се посветиме повеќе и на високото образование. Бизнисот секој ден оди напред, поставува повисоки стандарди, а универзитетите тоа треба го следат“, изјави пред медиумите Азески по средбата со ректорот.
Потенцираше дека целта на Комората е да му помогне на образованието во следните години финансирањето да достигне до 5% од буџетот. На тој начин ќе се постигне достоинство за наставниот кадар, подобрување на програмите и методологиите по кои работат универзитетите, а на тој начин ќе се испорача и стручен кадар кој му е потребен на стопанството.