„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА – ИМПЕРАТИВ ЗА КОНКУРЕНТНИ МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ

07.06.2023

Подигнување на капацитетите на компаниите преку Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, како алатка за раст и развој на компаниите

Брзината со која се развива технологијата наметнува брзо темпо на следење, приспособување и на прифаќање, како предуслов да се остане конкурентен преку подигнување на ефикасноста и преку намалување на трошоците за работење. Дигитализацијата полека, но сигурно навлегува во сите сфери од општеството, а пандемијата дополнително ја забрза дигиталната трансформација и покажа дека е само прашање на време кога компаниите ќе ја прифатат како дел од своето деловно работење.
Во насока на доближување на дигиталната трансформација до македонските компании, Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, во соработка со Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, за потребите на бизнис-заедницата, на 6 и на 7 јуни 2023 година организираше дводневна тренинг-програма на тема „Дигитална трансформација за македонските компании: пат кон регионална интеграција“.
Повеќе од триесетина претставници на македонски компании имаа можност да ја следат програмата и преку разбирање на перцепцијата на корисникот, со примена на современи дигитални технологии, да го унапредат своето работење во согласност со деловните трендови за 2023 година.
Воведно обраќање имаше претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, м-р Михајло Донев, кој пред учесниците изјави дека програмата е инспирирана од потребата за подготовка на менаџерскиот кадар со сет од знаења и од вештини кои ќе му помогнат во совладувањето на предизвиците кон патот на дигиталната трансформација. Активностите на Советот се насочени спрема унапредување на компетенциите и на вештините на високообразовниот кадар, во согласност со потребите на реалниот сектор, како една од клучните активности кои произлегуваат од концептот Комора на иднината, кој нуди една нова, подинамична комора која ќе одговори на барањата и на потреби на своите членки.
Предавањата во рамките на програмата беа реализирани од експертот Александар Вратоњиќ-Глигоријевиќ, дипломиран инженер по менаџмент на информатичка технологија на Факултетот за математика и за компјутерски науки на Универзитетот „Хериот Ват“ во Единбург, Шкотска, кој моментално ја извршува позицијата главен маркетинг-директор на „Телегруп системс“, компанија која се занимава со трансформација на деловниот пристап на системска интеграција во ерата на дигиталната технологија. Покрај запознавање со предизвиците во дигиталната трансформација, Вратониќ-Глигоријевиќ ги запозна учесниците со трансформацискиот потенцијал на современите технологии, како што се сметководството на облак, бизнис-аналитиката, вештачката интелигенција, интернетот на нештата (IoT), сајбер-безбедноста и блокчејн-технологиите, а учесниците имаа можност и практично да се запознаат со методологијата „Design Thinking“, мапа на емпатија и креирање персони, со цел подобро запознавање со целната група за која ги наменуваме производите или услугите што ги нудиме. 
Бидејќи фокусот на програмите што ги нуди Советот е врз практично применливото знаење, во рамките на програмата беше реализирана и работилиница на тема „Креирање вредносна понуда за корисникот“, на која учесниците работеа на реални студии на случај преку дефинирање на единствената вредност и насочување на вредносната понуда за стекнување нови и задржување на постојните клиенти, односно корисници.
По завршувањето на програмата учесниците се стекнаа со сертификати, а на самото доделување присуствуваше и д-р Татјана Штерјова-Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум, која пред присутните посочи дека дигитализацијата е клучна алатка за подобрување на инвестициската клима, поттикнување на меѓународната трговија и за зајакнување на транспарентноста и на довербата во институциите, па токму затоа Коморскиот инвестициски форум своите активности ги фокусира и на зајакнување на капацитетите на компаниите преку примена на дигитални алатки кои се креирани од КИФ, но и преку тренинг-програми и обуки како денешната, кои за компаниите од регионот на Западен Балкан служат како алатка за нивна интернационализација и за подобро поврзување во регионалните и во глобалните синџири на снабдување.
Програмата „Дигитална трансформација за македонските компании: пат кон регионална интеграција“, реализирана од Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, се организира во рамките на проектот „Поддршка од ЕУ за Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската Унија.