„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ИСКУСТВА И ПРЕДИЗВИЦИ ОД ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНИТЕ ЗА ПОСЕБНИ ТЕКОВИ И УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

01.06.2023

Преку заедничка соработка и одговорност на секој во ланецот на управување со отпадот за тој да стане ресурс , а не ѓубре

Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија, организираше дво дневна работилница со цел размена на искуства и предизвици со кои се соочуваат засегнатите страни за спроведување на законите од областа на управување со отпадот и проширената одговорност на производителот.
На настанот се обрати Филип Иванов претседател на Асоцијацијата кој што истакна дека ваквата соработка и усогласување меѓу различните актери во системот на управување со отпад е многу важна. Секој треба да биде одговорен во извршување на обврските, како производителите, така и потрошувачите доколку сакаме да се справиме со отпадот.
Според податоците од над 70 000 регистрирани компании само 1600 плаќаат надоместок за отпадот што го создаваат при производство на производите што ги пласираат на пазарот. Договорена е заедничка и координирана работа на Министерството, инспекциските служби, Царинската управа и Управа за јавни приходи за да се надминат аномалиите во функционирањето на системот во кој доколку секој ја исполнува својата обврската ќе се поттикне развојот на пазарните услови за работа од што сите ќе имаме бенефит и секако чиста животна средина.
„Сметам дека преку воспоставување на добра и отворена комуникација, размена на искуства и предизвици со кои се соочуваат сите чинители во процесот со управување со отпад во спроведувањето на законите од областа и проширената одговорност на производителите ќе си помогнеме едни на други во поуспешна имплементација на законите и исполнување на националните цели за собирање на отпад“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во воведното обраќање. Таа потенцираше дека Министерството има издржани планови и политики поткрепени со силен сет на еколошки регулативи во кои е предвидено преземање на акција во секоја фаза од производството и потрошувачката, но потребна е силна општествена одговорност и на производителите и на потрошувачите, промена на целокупниот концепт и пристап во областа при што ќе зборуваме за управување со ресурси, а не со отпад или ѓубре, но и усогласување и обезбедување на услови за секоја и најмала општина  за селекција, собирање и рециклирање на отпадот.
На настанот присуствуваа деловните субјекти од дејноста, надлежните владини институции за воспоставување законска регулатива, инспекциските служби кои имаат обврска да ја следат примената на регулативата и локалните самоуправи кои се обврзани да ја имплементираат истата.