Стручното образование и обука стануваат сѐ попрепознатливи меѓу идните средношколци, а квалификациите што се добиваат со знаење и со вештини преку овие образовни профили се препознати на пазарот на трудот. За важноста на стручното образование и обука зборува и фактот дека Европската комисија ја прогласи 2023 година за европска година на вештините, што зборува за посветеноста на Обединетите нации за остварување на целите за одржлив развој до 2030 година.
Во насока на остварување на целите за одржлив развој, во рамките на иницијативата YEO 2030, а во организација на Making Cents International, во периодот од 16 до 18 мај во САД се одржа Самитот за глобални младински економски можности. Годинешната агенда во фокусот ги имаше побарувачката за зелени вештини, дигитални вештини и меѓугенерациско програмирање, менторство за претприемачи и за ангажман на приватниот сектор во образованието.
Во рамките на третиот ден насловен „Подготвени за глобалната работна сила“, тим предводен од „Хелветас“ одржа панел-сесија на тема „Младите се важни – донесете информирана одлука за кариерата денес за пристојна работа утре“. На панел-сесијата беа претставени трите модели развиени во рамките на проектите што ги реализира „Хелветас“ во Албанија, Македонија и во Непал, кои на различен начин влијаат врз подобрувањето на информирањето на младите лица за потребите на пазарот на трудот, насочувајќи ги спрема квалификациите кои се барани од работодавците.
Учесниците имаа можност да се запознаат со моделот на дигитален саем, кој беше развиен во рамките на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, во кој Стопанската комора на Северна Македонија е стратешки партнер. Сесијата модерирана од м-р Надире Селими, менаџер за управување со знаење и со учење во „Хелветас Источна и Југоисточна Европа“, и од м-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој, иновации и за знаење при Стопанската комора на Северна Македонија, опфати запознавање со моменталните изгледи во Македонија; со перцепцијата на младите лица, од една страна, но и на приватниот сектор, од другата страна, и со моделот на дигитален саем наменет за деветоодделенците, кој на едно место ги обединува стручните училишта, работодавците, професионалците, кои на автентичен начин ја претставуваат својата струка, и младите лица кои по завршувањето на стручното образование веќе работат и ја градат својата професионална кариера. Во рамките на сесијата беше реализирана и кратка работилница каде што присутните имаа можност преку методот на решавање проблеми подетално да се запознаат и да придонесат за унапредување на секој од трите претставени модели.
Стопанската комора на Северна Македонија активно работи на афирмацијата на стручното образование и обука преку поттикнување на приватниот сектор за вклучување во дуалното образование и учење преку работа. Годинешниот Дигитален саем за уписи во стручно образование, кој се реализираше на 19 мај 2023 година, исто така, беше во организација на Комората, со што се потврдуваат долгорочните заложби за поголема вработливост преку навремено информирање на младите деветоодделенци при носењето правилна одлука за градење на натамошната кариера.