„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

СКСМ СО ПРЕДЛОГ ЗА ЕНЕРГЕТСКИ МЕРКИ ДО СИТЕ ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ НАДЛЕЖНИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

19.05.2023

Девет предлог мерки кои државата треба да ги преземе за да се поддржи економијата во енергетска криза се испратени од Стопанската комора до сите државни и јавни институции кои имаат надлежност во енергетиката.

Дописот со мерките кои ги предлага бизнис заедницата се адресирани до Владата, Министерството за економија, АД ЕСМ, АД МЕПСО, НЕР, Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за животна средина, МАНУ, МЕМО и други државни субјекти.
Мерките произлегоа од јавната седница на УО на Стопанската комора на Северна Македонија и на Македонската енергетска асоцијација во рамките на Комората, а меѓу другото содржат и препораки до самите стопански субјекти.
                                                         Предлог-мерки
  1. АД ЕСМ, со поддршка на Владата како негов единствен и целосен сопственик, да го конципира производството од термоелектраните според цената на мазутот и јагленот, односно доколку во следниот период кога ќе порасне производството на евтина електрична енергија од фотоволтаици, АД ЕСМ да се насочи кон откуп на таква енергија, наместо производство на поскапа електрична енергија од термоелектраните.
    Претходната мерка за вклучување во работа на сите електрани веќе нема ефект во услови на зголемено производство од обновливи извори (фотоволтаични централи) и затоа треба да се следи состојбата со цените на електричната енергија и енергенсите да одлучува дали и кога е исплатливо да се вклучат одредени домашни енергетски капацитети, а кога да се увезе евтина енергија.
  2. Државата, преку Министерството за економија и други органи, да стимулира изградба на различни видови електрани од обновливи извори, односно да обезбеди  дисперзија во инвестирањето на обновливи извори на енергија и планска изградба на дистрибутивната мрежа, согласно Стратегијата за развој на енергетиката до 2030. Засиленото градење само на фотоволтаични електрани ќе  доведе до енергетски дисбаланс. Потребно е да се стимулира изградба на биогасни и ветерни електрани, и да се доизградат малите хидро електрани кои државата ги планирала.
  3. Складирањето на електричната енергија од обновливи извори веќе се појавува како потреба и решение, и државата е потребно да ги поддржи инвеститорите и индустриските капацитети да инсталираат батериски системи. Мерките се однесуваат на олеснување и намалување на постапки и давачките, како и намалување на царинските стапки до нивно елиминирање, следејќи го примерот на ЕУ, заради поттикнување на поголемо инвестирање.
  4. Значаен систем за складирање на вишокот електрична енергија од фотоволтаици во иднина ќе биде хидроелектраната Чебрен, која како реверзибилна хидроелектрана ќе ја користи електричната енергија од евтините часови за пумпање вода во горниот басен, од кој потоа би се произведувала енергија во часовите на повисока побарувачка. Од тие причини потребно е да се дореализира постапката за капиталниот проект Чебрен, кој во секој случај ќе биде решение по подолг рок, односно по неговата изградба.
  5. Компаниите треба да ја прифатат новата состојба со варијациите на цените во текот на денот и да пристапат кон набавката на електрична енергија согласно нивниот технолошки процес, односно доколку можат потребно е да ги менаџираат потрошувачката и производниот процес согласно берзанските цени во текот на денот, со цел да остварат енергетски заштеди.
  6.  Хидрогенот, како гориво на иднината и начин на конвертирање и складирање на вишокот електрична енергија, да биде имплементиран во Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година, при нејзиното следно обновување, кое се врши на секои 5 години и во кое се вклучени владините институции и МАНУ.
  7. Државата интернационално да се сертифицира за да може производителите на енергија од обновливи извори да издаваат зелени сертификати. Зелените сертификати се побарувани од стопанските субјекти кои користат значајна количина електрична енергија и на кои зелените сертификати им се значајна алатка пред странските пазари. Издавањето на сертификатите ќе обезбеди и постојан девизен прилив за државата.
  8. Стопанската комора го поздравува отворањето на домашна берза на електрична енергија од страна на МЕМО. Со цел македонска берза на електрична енергија да биде ликвидна, потребно е да се донесе одлука сите државни купувачи да бидат на „wholesalе“ пазар, односно да не се набавува електрична енергија на тендери и преку билатерални договори, туку истото да се врши на македонската берза.
  9. Магистралните гасоводи за кои е одговорен НЕР да се стават во функција, но притоа да се градат и дистрибутивни мрежи низ градовите.