Стопанската комора на Северна Македонија како дел од Коморскиот инвестициски форум (КИФ ЗБ6) и партнер во спроведувањето на финансискиот инструмент дизајниран за зголемување на вработливоста на младите - Регионален фонд за предизвици (РЦФ) беше домаќин на вториот национален настан за доделување грантови во нашата земја.
Преку Коморскиот инвестициски форум, во кој ко-претседавач е претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, со обезбедениот грант од околу 2,72 милиони евра, 6 конзорциуми од нашата земја (37 компании со 4 стручни училишта и 2 високообразовни институции) ќе добијат средства за финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за воведување на дуалното образование и реализација на учењето преку работа, со цел поголема вработливост на младите и обезбедување обучен и квалификуван кадар подготвен за работните процеси.
Со тоа нашиот ангажман за поттикнување на компаниите самите да го трансформираат и обликуваат својот кадар со вклучување во дуалниот модел на образование преку вмрежување со стручните училишта и високообразовните институции за реализација на дуалното образование и на учењето преку работа реалност.
Средствата за грантот се обезбедени од германското Федерално министерство за економска соработка и развој, а се реализираат преку Германската развојна банка (KfW) и Регионалниот фонд за предизвици како уникатен инструмент за финансирањe.
Фондот се спроведува преку Коморскиот инвестициски форум на 6-те земјите на Западен Балкан, кој претставува значајна институција за економската регионална соработка, чија членка е Стопанската комора на Северна Македонија. Генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, Татјана Штерјова Душковска на настанот истакна дека повеќе фактори влијаеле да се стигне до овој стадиум денес, да се разговара за набавка на најсовремена опрема и технологии во училиштата каде ќе се реализира практичната настава на учениците. „Клучна улога во развојот на целиот процес имаат стопанските комори низ целиот регион, многу пред да биде основан Регионалниот фонд за предизвици и пред вклучување на Коморскиот инвестициски форум на ЗБ6. Покрај менувањето на перцепцијата на луѓето за стручното образование, потребно е на компаниите да им се потенцира важноста од инвестирање во стручното образование на младите уште на најрана фаза од нивното образование. На тој начин овие млади луѓе ќе станат додадената вредност на компанијата“ истакна Душковска.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во своето излагање се осврна на неколку клучни поенти: Прво, дека проблемот со недостаток на стручен кадар без практичното искуство, Комората го има детектирано уште 2007 година и системски почна да го третира барајќи реформи во образованието преку воведување на практичната обука на учениците во компаниите и дуалното образование како најефикасен модел за обезбедување на стручен кадар. Второ, рушење на стигмата дека во стручното образование се запишуваат мал број и само слаби ученици. Трето, дека врската меѓу бизнисот и образованието е многу важна во делот на реализација на практичната обука, креирањето на релевантна уписна политика и воведувањето на нови квалификации и вештини, затоа што бизнисот ги диктира промените што образованието треба да ги развие, за потоа повторно да се вратат во бизнисот каде ќе добијат своја реализација и валоризација. И четврто, дека е неоходно опремување на стручните училишта, што денес современата опрема и машини во училиштата стануваат реалност.
Заменик амбасадорот во Амбасада на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Ото Граф потенцираше дека стручната обука е нешто многу блиску до срцето Германците и ги обединува и сите земји, производители во Европа, додавајќи дека индустриското производство е можно само со образована работна сила. „Неодамнешната анализа во Германија покажува дека животните приходи на луѓето со стручно образование ќе бидат малку над животните приходи на академски образованите. Овој тип на образование е многу важно да се продолжи,” изјави заменик амбасадорот.
Свое обраќање имаше и министерот за образование и наука, Јетон Шакири, кој истакна дека како резултат на интензивирањето на активностите во учебната 2021/2022 година, дуално образование се реализираше во 97 паралелки во 46 средни стручни училишта, а беа запишани 1.486 ученици, кои соработуваа со 211 компании, а оваа учебна година дуално образование се реализира во 225 паралелки во 61 средно стручно училиште, со 2.763 запишани ученици и во соработка со околу 500 компани.
Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово на конференцијата изјави дека со овој инструмент ќе се усогласат стручните училишта со потребите на економијата и ќе се подготват матурантите за пазарот на труд со подобри вештини, со цел да се намали невработеноста на младите и да се елиминира недостигот на кадар во компаниите.
На настанот присуствуваше и заменик шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија во РСМ, Лусиен Аегетер. Дополнително, оваа година, во овој процес се вклучи и Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка, која вложи дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци.
На вториот повик учествуваа 37 апликанти од нашата земја, а Комисијата за селекција во вториот повик, направи избор на 6 најуспешни проекти кои се предложени за финансирање, одвојувајќи 2,72 милиони евра за реализација на квалитена практична обука и учење преку работа.
Интересен е и податокот што 80-те компании кои што влегле во конзорциум со 23 образовни институции се од различна големина и тоа, 15% биле големи, 55% биле мали и средни претпријатија, додека 30% мали компании, а практичната обука за стекнување квалификации ќе се реализира во различни сектори, но најдоминатни се преработувачкиот сектор, електротехника и ИКТ секторот.