Почитувани соработници,
Честитајќи ви ги празниците што поминаа и оние што доаѓаат, чувствувам потреба да ве информирам за некои работи кои беа разгледувани на седниците на Собранието, на Управниот и на Надзорниот одбор, кои се одржаа во текот на изминатата недела. Општ е впечатокот дека состојбата во економијата и меѓу нашите членки е сериозна и непредвидлива и токму поради тоа мораше да се донесат определени одлуки кои ќе ги престигнат настаните кои ги очекуваме, а кои може да имаат директно влијание врз нашата позиција.
1. Во услови на нестабилна политичка ситуација во земјава, тензична ситуација во регионот и на крајно комплицирана ситуација на меѓународен план, потребно е да ги стегнеме нашите редови за да можеме поцврсто да ги пречекаме ударите кои, веројатно, ќе следуваат. Поради тоа Собранието е засилено со 16 нови членови, кои доаѓаат од компании кои се наши верни членки во изминатите децении. Извршени се промени и во Уравниот одбор, така што петмина членови и двајца потпретседатели ги напуштија своите места, а на нивните места се именувани докажани професионалци, кои, исто така, ќе помогнат во претстојните соочувања со реалноста. По започнувањето со работа на Кабинетот на претседателот именувани се и тројца надворешни советници, кои ќе помагаат во конципирањето на стратегиите, во регионалните прашања и во мерките за поддршка на извозот и на индустријата. Сменети се и претседателите на трите совети, а укинат е едниот од нив, за да не дојде до преклопување на активностите со изборот на Националниот совет за извоз, кој се конституираше минатиот месец и кој претставува порепрезентативно тело, бидејќи во него седат и претставници на Владата, а со него претседавам јас. Следствено на тоа, ќе дојде до промена и на претседателското место во Советот за странски инвеститори и во Клубот на извозници, на чии челни позиции ќе застанат лица кои директно доаѓаат од производството и од извозот, но, исто така, промени ќе има и на поединечните позиции во Стручната служба, каде што не се оправда довербата на одделни лица.
2. Надзорниот одбор и ревизорот ги известија Собранието и Управниот одбор дека работењето во 2022 година е во согласност со постојните прописи, а остварените резултати одговараат на реалната состојба. Дадени се и насоки до раководството на Комората, кои се преточија во заклучоци на Собранието дека ако дојде до неможност да се остварат планираните резултати во 2023 година, ќе мора платите да се усогласат со резултатите, но поставено е и ограничување дека кај оние лица кои земаат до 35.000 денари нето-плата месечно не може да има нејзино намалување, додека, пак, кај оние со над 35.000 денари ќе има тримесечно намалување во согласност со процентот на неостварување на финансискиот план за 2023 година. Трите органи, вклучувајќи ме и мене, се согласни дека раководството на Комората направи максимални напори преку платите да ги стимулира вработените во оваа тешка ситуација и дека, доколку не се успева во тоа, мора да се постави црвена линија и во примањата и во дисциплината и во професионалноста, но и во волјата на секој од нас да помогне во оваа ситуација. Во текот на кризите неколкупати со вакви обраќања ве предупредував за непрофесионалното однесување и за нивото на одговорност што треба да биде потврдено. Морам да кажам дека тоа не ги даде очекуваните резултати. Комората има Декларација за високи професионални стандарди, која стриктно ќе ја применува и нема да прогледа никому низ прсти. Особено ја нагласувам лојалноста спрема куќата што треба да биде пример кој мора да се следи.
3. Што значат конкретно овие одлуки? Во вакви услови (кризни) нормално е од вработените да се очекува зголемување на својата лојалност, професионалност и посветеност. Раководството на Комората направи сѐ и во услови на такви кризи да не се наруши финансиската стабилност, да ги заштити животите и здравјето на своите вработени и да им помогне што полесно да ги пребродат кризите. Само да напоменам дека долго време се работеше од дома, дека долго време се работи со скратено работно време, дека се редуцираа заедничките патувања на вработените, дека платите не задоцнија ниту еден ден, ниту се намалија, дека беше дадена финансиска помош за вработените при справувањето со КОВИД 19, а и дека казнувањето за сторените пропусти беше заборавено. Нормално е дека сега тоа ќе се промени и ќе се доведе во нормала за да можеме да се справиме со предизвиците кои стојат пред нас. Сакам да ја известам Синдикалната организација, која ми се обрати, дека водам сметка и за нејзините барања и дека, врз основа на насоките на Надзорниот одбор и на Собранието, внимателно ќе го разгледам и нејзиното барање. Но она што посебно сакам да го нагласам е тоа дека Комората мора да продолжи со засилено темпо да го гради концептот Комора на иднината, затоа што без него за неколку години ќе почувствуваме голема празнина што тешко ќе можеме да ја надополниме. Транспарентност гарантирам на повисоко ниво, плати спрема придонесот на секого, стимулации за секоја иновативност, но, исто така, и санкции за што било што е надвор од вообичаените норми на однесување, работење и ниво на одговорност во институција каква што е нашата, затоа што ние не сме само чинител во градењето на економските политики, туку и пример дека она што го критикуваме во јавниот сектор не е присутно кај нас. Ви гарантирам дека толеранцијата на таквите појави ќе биде нула. Малку поконкретно, вие мора да знаете дека сте сервис на членките, кои се алфа и омега на нашето постоење; дека односот спрема нив треба да биде на највисоко професионално ниво; дека вашето информирање, брзата реакција и посветеноста се основа на нашето постоење и дека колку повисоко се наоѓаш на скалата на градацијата толку е поголема твојата одговорност. Вашето однесување во комуникацијата со нив, вашата посветеност да ги решавате нивните проблеми и вашата грижа за одржување на работниот простор каде што работите мора да бидат на највисоко можно ниво, но, исто така, треба да заборавите на вашите непотребни коментари за она што е надвор од нашата надлежност и да му дадете шанса на раководството да покаже дека е најдобро.