„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

АНГАЖМАНОТ НА ДОМАШНАТА ОПЕРАТИВА НА ПРОЕКТИТЕ ОД СТРАТЕШКИ ИНТЕРЕС, ЗА СПАС НА ГРАДЕЖНИШТВОТО И ЗАЧУВУВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА

13.04.2023

„Државата треба да се заложи домашните градежни компании да бидат вклучени во проектирањето и изведбата на капиталните проекти на Коридорот 8 и Коридорот 10-д кои се реализираат со стратешки партнер, бидејќи само така ќе придонесе да се одржи конкурентноста и да се задржат вработените во домашниот градежен сектор кој се наоѓа во многу незавидна положба во последните години. Имајќи ги предвид големината и значењето на овие капитални проекти, ангажманот на домашната оператива би повлекол ангажман и економски развој на уште околу дваесет и пет други стопански гранки, а во спротивно, се соочуваме со ризик од згаснување и на малкуте референтни градежни компании кои останаа“. – порача претседателот Андреа Серафимовски на работната средба што се одржа со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на иницијатива на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.

Во рамки на дискусијата беше посочено дека бизнис заедницата го препознава стратешкиот интерес и потребата за ефикасна реализација на планираните капитални проекти на двата транспортни коридори, меѓутоа и дека порачува сите активности кои се преземаат во делот на регулативата и администрирањето на проектите да бидат ставени во правниот и деловниот контекст на државата. Во таа насока, законските решенија кои се предлагаат треба да имаат генерална примена и да придонесат за отстранување на пречките за ефикасна реализација на планираните, но и на тековните капитални проекти, кои според бизнис заедницата се исто така од стратешки интерес за државата, притоа гарантирајќи еднакви услови за работа на учесниците во изградбата на сите овие проекти.
Предмет на трипартитен дијалог поконкретно беа предложените законски измени во делот на работните односи каде се потврди заедничката заложба на работодавачите, синдикатот и ресорното министерство за зачувување на работните места и подигнување на стандардот на вработените во градежниот сектор. Серафимовски истакна дека тоа е условено и од деловниот амбиент во државата во која егзистираат компаниите, а која мора да создаде поволна клима за работа и нивен ангажман. Министерот Бочварски изрази уверување дека претстојните проекти од стратешки интерес ќе отворат фронт за работа на домашните компании, а државата ќе се заложи за доследно почитување на обврската за ангажман на минимум 51 % од домашните капацитети во реализацијата на проектите.