„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Се повеќе компании се вклучени во дуалното образование во Кочани

15.02.2023

На 15.2.2023 година во просториите на Општина Кочани се одржа социјален дијалог помеѓу засегнатите страни на тема: “ Учи паметно- работи стручно”.  На работната средба во организација на Општина Кочани, присуствуваа претставници од бизнис секторот, од Стопанската комора на Северна Македонија, Министерството за образование, Агенцијата за вработување, како и од средните училишта. На истата  беше нагласено дека ќе продолжи воспоставениот социјален дијалог меѓу стопанството и образованието, бидејќи се повеќе се  видливи придобивките од реализацијата на проектот „Учи паметно, работи стручно", поддржан од швајцарската влада и од ресорното министерство.

- Учениците имаат поголема можност за практична настава, директно на работните места, што заедно со теориската наобразба им обезбедува квалитетни вештини што се неопходни за работен ангажман, веднаш по формализирањето на средното образование. Тоа е и добра основа за нивна понатамошна стручна високошколска образовна надградба. Самиот процес ја потврди потребата за соработка меѓу образованието и стопанството и тој процес сè повеќе ги зближува претставниците на компаниите, средните училишта и локалната самоуправа. Во моментот 27 приватни компании имаат склучено договор за соработка со СОУ „Љупчо Сантов“, 17 со СОУ „Гошо Викентиев“, а уште 17 стопански субјекти доставија барања и ќе се вклучат во процесот, истакна Голубина Георгиева од Одделението за јавни дејности во Општина Кочани. 

Пред присутните во име на Стопанската комора на Северна Македонија се обрати Моника Јованова од Регионалната комора со седиште во Штип, којашто истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија одамна е активно вклучена во образовните процеси и креирањето на образовни политики кои го поттикнуваат вклучувањето на работодавачите во реализацијата на дуалниот модел на образование. Покрај вклученоста во изработка на над 85 образовни програми, упатства и стандарди, Комората е вклучена и во работната група за подготовка на новиот закон за стручно образование и обука. Исто така се имплементира и обуката за стручен кадар-ментори во компании, па затоа Комората може да се пофали со бројка од 500 сертифицирани ментори во компании.

Според планот за запишување нови ученици за идната учебна година во Кочани, освен постојната гимназиска, економско-правна и трговска струка, во СОУ „Љупчо Сантов“ ќе има две дуални паралелки за профилите бизнис администратор и хемиско-лаборантски техничар. Во СОУ „Гошо Викентиев“ планирани се четири дуални и една комбинирана паралелка за профилите електротехничар за електроника и телекомуникации, електротехничар енергетичар, техничар за производно машинство и машинско енергетски техничар.

Со заедничка соработка на сите чинители во последните две години се постигнаа  видливи резултати во стручното образование. Се смени перспективата на гледање, и на компаниите, и на образовните институции, а најважно од сè е што се смени со перцепцијата на учениците за атрактивноста на стручното образование. Овие процеси ќе овозможат побрз премин на завршените средношколци од училишната средина  кон работна средина, а со тоа и зголемување на продуктивноста и развој на компаниите и раст на домашната економија.