„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
14.10.2022
Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Министерството за економија и со Советот за заштита на потрошувачите на Владата на РСМ, одржа работна средба на тема „ОДРЖУВАЊЕ И КОНТРОЛА НА ЛАДЕН ЛАНЕЦ ВО УСЛОВИ НА КРИЗА“, на која се дискутираше за пуштањето во промет и за одржувањето на квалитетот на прехранбените производи во услови на криза, со посебен осврт на млекото и на млечните производи.
Присутни на средбата беа и претставници на инспекциските органи – Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот пазарен инспекторат, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Организацијата за заштита на потрошувачите.
Предмет на дискусија беа запазувањето и контролата на ладниот ланец во сиот процес на производство, дистрибуција и на продажба, со акцент врз улогата и врз обврските на трговците при пласманот на производите до крајните потрошувачи. Ова прашање беше отворено на иницијатива на Советот за заштита на потрошувачите на Владата на РСМ, како резултат на пристигнатите претставки и поплаки на граѓаните, како и на известувањата објавени на социјалните медиуми за квалитетот на прехранбените производи во изминатиот период.
Г-ѓа Адиса Фазлиоска, претседател на Советот за заштита на потрошувачите на Владата на РСМ, одржа презентација за улогата и за значењето на Советот и даде примери на неправилности при прометот со прехранбени производи од ладниот ланец за кои се пристигнати претставки од потрошувачите (гасење фрижидери од страна на трговците, расипани млечни производи и други). Па така, информираше дека во изминатиот период се забележани неправилности со гасење фрижидери, при што компаниите се повикуваат на препораките на Владата на РСМ за заштеда на електрчна енергија, и посочи дека владините препораки не се однесуваат на исклучување на фрижидерите, туку се однесуваат на исклучување на декоративното осветлување. Истакна дека треба да се води грижа за ранливите категории на потрошувачи (деца, лица со здравствени проблеми), кои се најзасегнати од ваквите неправилности, и најави дека, со цел надминување на неправилностите, во следниот период ќе се преземат неколку чекори – едукативни активности за компаниите, континуиран инспекциски надзор и санкционирање во случај на утврдување повреда на законските прописи, како и едукативни активности за потрошувачите при купувањето прехранбени производи да внимаваат на температурниот режим кој е наведен на декларацијата на производот и на рокот на употреба, што претставува задолжителна информација.
Претставниците на Агенцијата за храна и ветеринарство во своето обраќање посочија дека контролата на ладниот ланец е пропишана со правилници и со подзаконски акти, а варијациите во температурата може да ја намалат безбедноста и да го нарушат квалитетот на производот. Истакнаа дека потрошувачите се водат од рокот на траење на производите, а доколку трговците ја нарушат критичната температурна точка и доколку не може да докажат дека ги презеле сите активности за нејзино одржување, ќе сносат одговорност.
Директорката на Државниот пазарен инспекторат, г-ѓа Анета Симеска-Димоска, се осврна и на нечесните пазарни практики, посочувајќи дека нарушувањето на ладниот ланец влегува во групата нечесни пазарни практики. Дополни дека како резултат на актуелните состојби поврзани со кризата во последно време сѐ повеќе расте и виртуелната продажба на прехранбени производи, каде што, исто така, се забележани одредени неправилности и продажби на дивите пазари, кои, пак, не се дозволени, а нивното санкционирање е во надлежност на комуналната инспекција.
Заклучоци од работната средба
- Неопходно е обезбедувањето висок квалитет на прехранбените производи, а во однос на млекото и на млечните производи тоа започнува уште од производството, преку дистрибуцијата, па сè до нивното правилно складирање и чување во директните продажни места. Ова е особено важно за киселомлечните производи, како што се јогуртот, киселото млеко, павлаката и другите производи од овој тип, кои се температурно чувствителни и за кои е задолжително, во сиот процес на производство, дистрибуција и на продажба, па сè до крајното сместување во фрижидер во домаќинствата, да бидат чувани во специфични услови (овој процес се нарекува „ладен ланец“), а контролирана оптимална температура на сиот ланец е од 2 до 8 степени.
- Покрај едукативните активности, во следниот период надлежните инспекциски органи ќе вршат континуиран инспекциски надзор, а онаму каде што ќе бидат утврдени отстапки од температурата на ладниот ланец или, пак, нечесно пазарно однесување ќе следуваат санкции.
- Потребно е да се води грижа за заштита на правата на потрошувачите во услови на криза и на значителен раст на цените на прехранбените производи, а особено за заштита на ранливите категории на потрошувачи.
- Советот на Владата на РСМ за заштита на потрошувачите да преземе информативно-едукативни активности за неправилностите забележани при виртуелните продажби на прехранбените производи.
- Советот на Владата на РСМ за заштита на потрошувачите, во соработка со Советот на Град Скопје за заштита на порошувачите и со Државниот пазарен инспекторат, во меѓусебна координација да преземе активности во насока на намалување на продажбата на дивите пазари.