„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Здружение на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност

 

Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност ги опфаќа фирмите од следните дејности:

- преработка на дрво, производи од дрво и плута, освен мебел;
- производство на предмети од слама и плетарски материјал;
- производство на мебел и други разновидни производи;
- шумарство и искористување на шуми;
- производство на хартија и производи од хартија;
- печатење и репродукција на снимени медиуми (записи);
- издавачка дејност.

Повеќе од 100 фирми се репрезенти во овие дејности и се активни членки на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност.

На 24.01.2020 година, беше одржана Конститутивна седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност, во Стопанската комора на Македонија. На седницата, покрај тоа што се утврдија активностите за работа, едногласно беа усвоени и Правилата за организацијата и начинот на работа на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност.

Основни цели и задачи на Здружението се:

- да разгледува прашања во врска со унапредувањето на работењето и решавањето на тековните проблеми во дејноста;
- да ги усогласува пројавените спротивности и различни интереси во рамките на своите дејности, имајќи ги предвид и интересите на стопанството во целина;
- да усвојува заклучоци и предлага мерки што се од заеднички интерес на членовите, а кои не се во спротивност со позитивните законски прописи и добрите деловни обичаи;
- да разгледува предлози на закони и други прописи, да дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите и да покренува иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на истите;
- да иницира и да остварува соработка по прашања од заеднички интерес на членовите од други здруженија во рамките на Комората и меѓународна соработка во согласност со програмските активности и општите акти на Комората;
- да работи на унапредување на бизнис-климата во земјата, да ги поттикнува имплементацијата на европските правила и стандарди и перманентното функционално образование и иновација на знаењата на стручните кадри од дејностите;
- да ја промовира Комората како задолжително, неутрално место за консултирање на бизнисот за сите прашања од интерес на стопанството.

На конститутивната седница на Здружението беа избрани претседател и двајца заменици-претседатели.

За претседател на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност е избран: Драги Милошевски, АД „Киро Дандаро“ - Битола, а за заменици-претседатели на Здружението беа избрани: Мирослав Грнчароски, Печатница „Напредок“ ДООЕЛ“ - Тетово и Олгица Кржева, „ДС Симтх“ АД – Скопје.

Мандатот на претседателот и на замениците-претседатели изнесува 5 години со можност за повторен избор.

За претставник од Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност во Собранието на Стопанската комора на Македонија, за мандатниот период 2020-2025 година беше избран:

-Тони Златески, „93 ДЕ НИ КОМПАНИ“ ДООЕЛ – Прилеп.

1. Податоци за индустријата за преработка на дрво и за индустријата за производство на мебел

Република Северна Македонија е земја со богата традиција во преработката на дрво поради своите расположиви шуми, традиција и стручна работна сила. Меѓу првите индустрии во нашата земја, во пиланите започна производството на бичена граѓа, а индустријата за производство на мебел, како продолжување на производниот процес од пиланите, позабележително започна да се развива во педесеттите години од минатиот век. Во тој период настанаа големите дрво-преработувачки комбинати. Приватизацијата на сите поранешни комбинати е завршена, а со приватната иницијатива формирани се нови претпријатија во оваа дејност, низ кој процес се одвиваше приспособувањето кон пазарните услови на стопанисување.


2. Извозно-увозни показатели за индустријата за преработка на дрво и за индустријата за производство на мебел

Кај индустријата за преработка на дрво и производи од дрво, увозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година изнесува 83,06 илјади тони или 46,6 милиони САД долари, а пак увозот на дрво и плута во истиов период изнесува 117 илјади тони или 22,1 милиони САД долари. Кај индустријата за производство на мебел, негови делови, постелнина и сл. увозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година изнесува 17,1 илјади тони или 71,6 милиони САД долари.

Kaj индустријата за преработка на дрво и производи од дрво извозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година изнесува 9,1 илијади тони или 5,6 милиони САД долари, а извозот на дрво и плута за истиот период од 2019 година изнесува 4,7 илјади тони или 1,4 милиони САД долари.

Кај индустријата за производство на мебел, негови делови, постелнина и сл., извозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година изнесува 25,4 илјади тони или 231,7 милиони САД долари.

Овие податоци укажуваат на ниското користење на домашниот расположив потенцијал во шумарството.

Имајќи ги предвид наведените неповолни движења во дрвната индустрија, како во производството, така и во надворешно-трговската размена во последниве две години, оценка е дека увозот и натаму ќе го истиснува домашниот производител од домашниот пазар. Оттаму, императив се услови за обезбедување повисок степен на конкурентност на домашните производи од оваа гранка, со дефинирање на мерки и активности за позитивна динамика.

За подинамичен развој на овие индустриски гранки неопходно е да се дефинираат конкретни програми. Флексибилноста на производството и способноста за брзо приспособување кон промените во побарувачката ќе бидат главни услови кои треба да се исполнат во иднина.

Перспективите за 2020 година во овој сектор не се розеви, посебно на извозно ореиентираните компании, со оглед на незавршената сертификација на шумите од страна на ЈП „Македонски шуми“.


3. Податоци за индустријата на хартија и целулоза, графичката индустрија и издавачката дејност

Индустријата на хартија и целулоза, како и графичката индустрија и издавачката дејност во Република Северна Македонија достигнаа висок степен на развој кој се огледа во можноста за квалитетно производтво на сите видови хартиени и графички производи. Во последно време се` поголем развој се забележува кај производството на амбалажа.

Во последните неколку години забeлежителен е интересот на странски компании за вложување во индустријата на хартија и целулоза, како и во графичката дејност, со што се забрзува процесот на осовременување на овие преработувачки дејности.

Неколкугодишниот динамичен развој на оваа дејност создава поволен амбиент за вложување во производство на хартија за печатење, којашто се` уште не се произведува во Република Северна Македонија. Можност за инвестирање во функција на зголемување на извозот постои и кај графичката дејност во делот на осовременување и воведување нови технологии.

Влијанијата на пазарот, конкуренцијата која е силна и сe поглобална, како и построгите регулативни услови го отежнуваат остварувањето профит во производството на хартија, со што компаниите се под најголем притисок досега да се фокусираат на ефикасност на производните процеси, како и на сите други фактори што влијаат врз продуктивноста и профитабилноста.

Оваа индустрија во Република Северна Македонија забележува тренд на пораст и истата може да ги произведе речиси сите видови графички производи и производи од хартија. Голем број од фирмите се` повеќе се ориентираат кон производство на амбалажа, со што се потенцира врската на оваа индустрија со речиси сите преработувачки индустриски гранки.


4. Извозно-увозни показатели во индустријата на хартија и целулоза, графичката индустрија и издавачката дејност

Производството во најголем дел е насочено за потребите на домашниот пазар. Кај индустријата за хартија, целулоза и производи од хартија, извозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година изнесува 17,1 илјади тони, односно 14,4 илјади САД долари, а увозот за првите единаесет месеци од 2019 година е 80.9 илјади тони, односно 99,97 илјади САД долари што укажува на фактот дека Македонија и натаму е увозно зависна.

Во делот на целулозата и отпадоците од хартија, извозот за 11 (единаесет) месеци од 2019 година е 26,7 илјади тони или 3,1 милиони САД долари, додека увозот за истиот период е 8,1 илјади тони или 1,2 милиони САД долари.

Производството во најголем дел е насочено за потребите на домашниот пазар, извозот на хартија и изработки од хартија во години наназад бележи опаѓање, но Република Северна Македонија и натаму е увозно зависна.

Kaj индустријата на хартија и целулоза, графичката индустрија и издавачката дејност има недостаток на работна сила и недостаток од лица за одржување на машинскиот потенцијал во компаниите, што создава големи проблеми во тековното работење кај компаниите од овие индустриски гранки. Како еден од проблемите во овие индустрии е ликвидноста на самите компании, што повлекува понатамошни проблеми во нивното работење.

Деловното окружување обезбедува мал избор на инструменти за финансирање. Во надворешните извори на финансирање банкарскиот кредит е основен. Меѓутоа, овој извор е тешко достапен за повеќето компании од овие индустриски гранки.

Актуелна активност на Здружението - учество во донесување на регулативата за пакувањата. На расправа пред членките е Нацрт верзијата на законот на амбалажа и отпад од амбалажа.

Регулативата содржи поважните содржини/членови од директивата на ЕУ за пакувања и отпад од пакувања. Посебно се актуелни за расправа моделите на организирање на справувањето со овој вид отпад.

Одржлив закон за отпадна амбалажа посебно треба да ги реши прашањата во делот на обврзаните страни, комуникацијата со потрошувачите и сл.

Нацрт законот за пакувања и отпад од пакувања во Република Македонија го регулира работењето со пакувањата во нивното производство, трговија и употреба, потоа правилата за негово собирање, повторна употреба или негово потсранување. Во нацрт законот целосно е имплементирана споменатата директива за оваа област, а остануваат одредени прашања околу нејзината имплементација, кои ќе се допрецизираат во следните фази на донесување на оваа законска регулатива.

Нацрт законот за отпад од пакувања во Република македонија ќе се доградува со сите предлози и сугестии од инволвираните страни се до донесување на регулатива за амбалажен отпад со европски стандарди во управувањето со отпадот.

team-2

31.03.2023

САЕМ ЗА МЕБЕЛ 2023 ПОД МОТОТО „РАЗБУДИ ЈА ЕСТЕТИКАТА ВО СЕБЕ“

На истата локација, ВИП Арената „Борис Трајковски;, од 29 март до 2 април годинава се одржува 45. издание на Саемот за мебел 2023 година под работното мото „Разбуди ја естетиката...

team-2

27.01.2023

Одржана седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и на издавачката дејност

На 25.1.2023 година во 11 часот беше одржана седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и на издавачката дејност, која беше реализирана виртуелно на барање на компаниите. На с...

team-2

31.03.2023

САЕМ ЗА МЕБЕЛ 2023 ПОД МОТОТО „РАЗБУДИ ЈА ЕСТЕТИКАТА ВО СЕБЕ“

На истата локација, ВИП Арената „Борис Трајковски;, од 29 март до 2 април годинава се одржува 45. издание на Саемот за мебел 2023 година под работното мото „Разбуди ја естетиката...

team-2

27.01.2023

Одржана седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и на издавачката дејност

На 25.1.2023 година во 11 часот беше одржана седница на Здружението на дрвната и графичката индустрија и на издавачката дејност, која беше реализирана виртуелно на барање на компаниите. На с...


Контакт лице: Валентина Цветковска
експерт

Телефон: + 389 2 3244063
Е-адреса: valentina@mchamber.mk